Hilmi Sever
10 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - ХИЛМИ СЕВЕР - Спектакуларното натпреварување во јапонското стрелаштво „јабусаме“ е една од најголемите атракции на 3. Фестивал на етноспортови и култура кој се одржува во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Со глобалното медиумско партнерство на Anadolu Agency (AA), Светската конфедерација на етноспортови трета година по ред ја одржува манифестацијата чија цел е зачувување на традиционалните спортови и пренесување на овие вештини и културното наследство на помладата генерација.
Околу 900 спортисти за време на петдневниот фестивал се натпреваруваат во 13 дисциплини на традиционални спортови, а за прв пат се одржа и натпревар во јабусаме, древна вештина на јапонските самураи која зазема важно место во културата и традицијата во Јапонија.
На вториот ден од фестивалот на плоштадот Јеникапи, посетителите можеа да ги видат јапонските коњаници како во трка со коњ со стрела целат во зададените мети.

Јабусаме е дел од јапонската традиција од 12-от век, а станува збор за стрелаштво во кое самураите погодуваат одредена цел и така го убиваат злото, а на народот им носат радост и мир.
Аримото Даисуке, еден од самураите, за АА изјави дека е многу среќен што ќе промовира древна јапонска традиција на фестивалот во Турција.
Истакнувајќи дека и во Турција постои традиционално коњичко стрелаштво, Даисуке рече дека јабусаме во основа се разликува од другите сродни вештини.
„Најголемата разлика е во тоа што ние јабусаме не го сметаме за спорт, туку тоа во корените беше молитвен и свет обред. Овој обред се изведува за мир и среќа на народот, а не за победа над другите учесници. Денес изведовме јабусаме за среќата на турскиот народ“, рече Даисуке.
Меѓу 13-те етнодисциплини кои се најдоа на Фестивалот се и неколку видови древни боречки вештини, коњички игри и стрелаштво.
Вниманието на посетителите особено го привлече стрелаштвото јабусаме, кое зазема важно место во културата и традицијата на Јапонија.
Најавено беше и натпреварувањето со анадолиските соколи „доган“, кои се сметаат за едни од најбрзите видови птици.