Ercan Doğan
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул започна петодневниот Фестивал на етноспортови и култура, со учество на околу 900 спортисти кои ќе се натпреваруваат во 13 дисциплини, јавува Anadolu Agency (AA).
Со глобално медиумско партнерство на АА, Светската конференција за етноспортови, трета година по ред ја организира манифестацијата, чија цел е зачувување на традиционалните спортови и пренесување на тие вештини и културно наследство на младите генерации.

На свеченото отворање на Фестивалот се претставени и екипите кои на арените на истанбулскиот плоштад „Јеникапи“ ќе ги прикажуваат древните спортски вештини на народите од Централна Азија, Анадолија и од поширокиот регион.
Меѓу 13 етнодисциплини кои се најдоа на Фестивалот, има неколку видови древни боречки вештини, коњички игри и стрелаштво.
Две дисциплини привлекуваат особено внимание, а тоа се коњичкото стрелаштво „Yabusame“, кое зазема многу важно место во културата и традицијата на Јапонија, и ловечкиот катарски јастреб, кој, исто така е важен дел од културата во тој дел од светот.
Катарските јастреби се извонредни ловци, кои го привлекуваат вниманието со својата убавина, но и со пазарната цена која се движи до половина милион долари.
Особен интерес кај посетителите привлекува и најавеното натпреварување на познатите анадолски соколи „доган“, кои се сметаат за едни од најбрзите видови птици. Доган лови со вертикален пад кон пленот, а притоа достигнува брзина и од 320 километри на час.
Паралелно со промоцијата на етноспортовите, за време на Фестивалот ќе бидат организирани бројни манифестации од широкиот спектар на традицијата и културата на етничките заедници.
Во текот на Фестивалот ќе бидат претставани повеќе од 30 национални кујни. Посетителите ќе имаат можност да видат како се подготвуваат тие јадења. Најмладите посетители ќе можат да се запознаат со 33 национални игри на посебни полигони во комплексот на кој се одржува манифестацијата.
Организаторите претходно најавија дека оваа година очекуваат повеќе од еден милион посетители.