ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција и претседател на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti), Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека предвремените претседателски и парламентарни избори на 24 јуни ќе бидат пресвртница за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во своето обраќање на редовниот 6. Конгрес на АК Партијата во Истанбул објави манифест на таа политичка опција за претстојните избори и нагласи дека приказната на АК Партијата е приказната на Република Турција.
„Тестото на АК Партијата го месеше народот, вие ја утврдувавте нашата рута“, порача Ердоган и додаде дека слоганот на АК Партијата за изборите гласи „Волја, доблест, храброст... подем на Турција“.
Конгресот на АК Партијата во Истанбул присуствуваа околу 100.000 луѓе, од кои само една петина можеше да влезат во салата „Синан Ердем“, додека речиси 80.000 луѓе обраќањето на Ердоган го следеа на големи екрани на плоштадите и платото пред тој спортски комплекс.
Истакнувајќи дека Турција никогаш не се откажала од стратешката цел, интеграцијата во Европската Унија, Ердоган најави дополнителен економски прогрес на Турција која на светот како глобална сила ќе им понуди свои брендови.
„Независноста, националните интереси, националната безбедност и совесниот став се приоритетите на нашата надворешна политика. Ние нема да се согласиме на ничие старешинство, ниту некому му наметнуваме господарење“, порача Ердоган.
Тој нагласи дека АК Партијата ја поддржувала и ја поддржува демократијата, слободата и слободното уживање на човековите права, но истовремено ја поддржува и борбата за силна и независна Турција.
Тој, исто така, изјави дека да се биде борец за својата нација и земја значи да се канализираат парите во инвестиции и за социјална помош на народот, наместо во камати.
„Локалист значи да не се дозволи Турција да биде зависна и да се чека пред вратата на ММФ за пет центи, исто така, значи да не се биде зависен од било кој однадвор кога станува збор за одбранбената индустрија“, порача Ердоган.
Тој изрази и подготвеност за заедништво и соработка со сите оние кои политичките, идеолошки, религиозни и етнички разлики меѓу луѓето ги гледаат како богатство, а не како точки на раздвојување и непријателство.
Тој додаде дека експлоатацијата, насилството и злоупотребата на жените претставуваат големи злосторства против човештвото. Најави продолжување на борбата додека целосно не биде искоренет тој срам од Турција.
Обидот за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година, Ердоган го нарече најголемо предавство кое го доживеала земјата во блиското минато, но додаде дека тоа е спречено со најголема храброст и јунаштво на турскиот народ во неговата историја.
„Ние сме тие што со голи раце ги запреа тенковите ноќта на 15 јули. Ви честитам на сите, таа вечер ја убивте смртта“, рече Ердоган.
Најавувајќи ја борбата за намалување на каматните стапки, инфлацијата и дефицитот, Ердоган рече дека преминот од парламентарен во претседателски систем во Турција ќе го зголеми националниот приход, а со тоа ќе доведе до побрз развој.
„Турција станува важна сила во светот. Ќе бидеме глобална сила, водечка сила“, порача Ердоган.
Предвремените претседателски и парламентарни избори во Турција ќе бидат одржат на 24 јуни оваа година, додека владејачката АК Партија на изборите ќе излезе во алијанса со досегашната опозициска Партија на национално движење (MHP).
Како прв претседател избран на директни избори, Ердоган на функцијата претседател на Турција дојде во 2014 година. Претходните 11 години беше премиер на земја.
Во случај на победа на изборите во јуни, Ердоган ќе стане првиот турски претседател кому реформата на политичкиот систем во Труција ќе му даде широки извршни овластувања.
Големото народно Собрание на Република Турција минатата недела усвои пакет измени и дополнувања на закони кои се однесуваат на усогласување на нормите и спроведувањето на уставната реформа одобрена на минатгодишниот референдум, со која Турција поминува од парламентарен во претседателски систем на владеење.
Со усвоениот пакет е усогласен и Изборниот закон на Турција, според кој ќе се одржат претстојните предвремени претседателски и парламентарни избори.
Согласно уставните измени се укинува функцијата премиер, а извршната власт по изборите ја презема претседателот на државата.
Законските овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во парламентот, со тоа што парламентот ќе брои 600, наместо досегашните 550 пратеници.
Претседателот на државата и парламентот се бираат на мандат од пет години.
За победа на претседателските избори кандидатот мора да освои натполовично мнозинство гласови, а во случај ниту еден кандидат да не го постигне тоа, за 15 дена ќе се одржи втор круг избори во кој би останале двајца кандидати кои во првиот круг ќе освојат најмногу гласови.