Husameddin Gina
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Македонија, Зоран Заев, во врска со барањата на албанските опозициски партии во земјата, за дополнителни уставни измени, рече дека нема да дозволи „ширење на Пандорината кутија во Уставот", јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев имаше свое обраќање на Меѓународниот Симпозиум на високо ниво на тинк тенк организации од Кина и земјите од Централна и Источна Европа, а потоа одговараше на новинарски прашања. Заев нагласи дека ги разбира потребите на луѓето да отвораат дебата, да даваат предлози, но никој нема право да прави какво било условување за интеграцијата на Македонија во НАТО И ЕУ.
„Веројатно нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија во Уставот, тоа го знаат сите, редот е јас да го потврдам тоа. Парламентот е тој којшто одлучува. Ние сме само предлагачи. Но во рамките на сите овие работи, јас секој пат стојам на располагање да го градиме она едно општество за сите, за кое сите се залагаме“, изјави Заев.
За изјавата на вицепремиерот Бујар Османи дека Охридскиот договор треба да биде вклучен во преамбулата на Уставот, Заев посочи дека тоа било затворено во 2001 година.
„Охридскиот рамковен договор е составен дел од Уставот на РМ, тој е веќе вграден по потпишувањето на Рамковниот договор, сакам да испратам порака дека инклузивноста на процесот е важна, притоа не смееме со своите амбиции да го застанеме целиот процес“, изјави премиерот Заев.
Премиерот Заев додаде дека не очекува блокирање на процесите во Собранието, особено не од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Две албански опозициски партии, Алијанса за Албанците и едното крило на Движењето БЕСА, излегоа со свои ставови за предлози за уставни амандмани за унапредување на статусот на Албанците.
Потсетуваме, откако на 19 октомври со двотретинско мнозинство во Собранието беше изгласана потребата од уставни измени, сега следува дебата за амандманите за уставни измени, а потоа и нивно усвојување.
Уставните измени се дел од Преспанскиот договор кој во јуни оваа година го потпишаа владите на Македонија и Грција, со цел решавање на прашањето за спорот за името.
Според договорот, Македонија ќе треба да го смени своето име во Република Северна Македонија.