Meltem Öztürk
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Пратениците во Големото народно собрание на Република Турција, на денешната седница разговараа за предлогот на владејачката Партија на правдата и развојот (АК партија) во врска со промената на Уставот и законите во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Расправата во турскиот Парламент за уставни измени што ќе овозможат да се воведе претседателски систем во земјата е отворена, а предлогот на АК партијата претходно наиде на одобрување и од опозициската Партија за национално движење (МХП). Парламентарците од редовите на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), на почетокот на дебатата посочија дека предлогот за уставни промени нема да ја има нивната поддршка.
Турскиот премиер Бинали Јилдирим и претседател на АК партијата, во претходните изјави ги повика сите опозициски партии активно да земат учество во уставните измени.
„На Турција ѝ е потребен нов устав што ќе го следи нејзиниот раст и развој. Ние не сме партија што дојде на власт оставајќи ги проблемите за внуците, туку Партијата АК своето име и репутацијата ги изгради така што ги решававме проблемите и му служевме на народот. Така, и ова прашање ќе го реши АК партијата. Ние ќе донесеме нов устав и ќе донесеме претседателски систем во Турција. Би сакале во тоа да земат учество и со нас да ја делат честа и опозициските партии. Немаме скриени цели“, рече Јилдирим.
Според важечките одредби на Уставот на Република Турција, амандманот со кој би се овозможило да се воведе претседателски систем бара двотретинска поддршка во Парламентот, кој се состои од вкупно 550 пратеници. По усвојувањето од страна на Парламентот, претседателот на државата може да го ратификува или да повика на референдум за ова прашање. Со измените, меѓу другото, се предвидува и намалување на администрацијата и помал број министерства.