Husameddin Gina
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Владата на Република Македонија денеска се потпиша Меморандум за соработка меѓу Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Центарот за заедничка основа од Скопје и општините Чаир, Гостивар и Кичево, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за локална самоуправа во Владата на Република Македонија, Сухејл Фазлиу, истакна дека во услови на глобализација, процеси и движења, ниту една земја не е поштедена од продорот на тероризмот на своето тло.
„Особено земјите како нашата, коишто се поранливи поради мултиетничноста и мултиконфесионалноста од една, како и поради опасностите од маргинализација и нерешените егзистенцијални прашања на одредени категории граѓани, од друга страна“, нагласи Фазлиу.
Тој посочи дека е важно да се работи во локалните заедници, особено онаму каде што ризиците се поизразени.
Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски, на потпишувањето на Меморандумот изјави дека отпочнуваат еден важен процес за отпорноста на локалните заедници.
„Отпочнуваме еден важен процес, процес чија цел е зајакнување на отпорноста на локалните заедници во поглед на превенирањето и спречувањето на насилниот екстремизам“, изјави Петрески.
На потпишувањето на Меморандумот за разбирање за проектот „Јакнење на отпорноста од насилен екстремизам на локалните заедници во Македонија“, во име на градоначалниците на општините Чаир, Гостивар и Кичево, се обрати градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Висар Ганиу истакна дека насилниот екстремизам е нешто што нема оправдување и не треба да се идентификува со некоја етничка или религиска припадност.
„Затоа сакам да нагласам дека ниту една земја сама не може да се спротистави и да се бори против насилниот екстремизам и тероризмот. Тоа е нешто што пред нас ја поставува мисијата која е заедничка на сите нивоа“, рече Ганиу.
На потпишувањето на Меморандумот присуствуваа британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј, и заменик-амбасадорот на Холандија, Андри ван Менс. Амбасадите на Холандија и на Британија ќе помогнат во напорите за градење институционални механизми за отпорност на локалните заедници од насилен тероризам.
Националната стратегија за спречување насилен екстремизам беше усвоена од страна на Владата на Република Македонија на 6 март 2018 година.