Muhammet Kurşun
27 Октомври 2018•Ажурирај: 28 Октомври 2018
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека, со исклучок на неколку земји, целиот свет застанал со Иран против САД, и дека Вашингтон го напуштиле и неговите традиционални сојузници, јавува Anadolu Agency (AA).
Рохани се обрати на седницата на иранскиот Парламент, каде што побара поддршка за новите министри во Владата на Иран. Во оваа пригода се осврна и на американските санкции кон неговата земја.
Рохани истакна дека Иран во последните неколку месеци остварил големи успеси против САД, и додаде дека САД се спротивставиле на голема земја како што е Иран, но ги напуштиле дури и традиционалните сојузници.
Иранскиот претседател, исто така, наведува дека Меѓународниот суд за правда донел одлука во корист на Иран.
„Целиот свет, со исклучок на неколку земји, застана со Иран“, наведе Рохани.
Тој се осврна и на економската криза во неговата земја, и изјави дека народот има значајни потешкотии, особено оној дел од населението со послаби приходи.
„Не можеме да бегаме од проблемите и да му кажеме на народот дека не сме во состојба да ги решиме проблемите, зборувајќи дека главната причина за нив се американските санкции и падот на продажбата на нафтата. Инфлацијата ќе ја ставиме под контрола и ќе ги зајакнеме деловните опкружувања. Тоа е за нас можно. Странските медиуми со лаги вршат пропаганда за да ја измамат јавноста. Велат дека во Иран е присутна хиперинфлација, велат дека Иран е земја со најлоши услови за живот, но тоа не е вистина“, изјави Рохани.