Admir Fazlagic
01 Јуни 2020•Ажурирај: 01 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Градоначалникот на скопската општина Чаир, Висар Ганиу, соопшти дека ќе биде во самоизолација поради тоа што имал контакт со лице кое резултирало позитивно на тестот за коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе ја искористам можноста преку овој вид на комуникација со Вас, да Ве информирам и да ја споделам загриженоста за начинот како се одвива состојбата со коронавирусот. Воедно сакам да ви дадам до знаење дека овие денови имав контакт со лице кое резултираше позитивен на тестот за Ковид-19, затоа од овој момент ќе останам во самоизлоација и ќе делувам според протоколите на соодветните здравствени институции", напиша Ганиу на официјалниот профил на социјалните мрежи на општина Чаир.
„Драги граѓани, уште еднаш ќе ја искористам оваа прилика да апелирам за внимавање, придржување на предвидените мерки и сериозно третирање на оваа тематика и предизвик, бидејќи состојбата не изгледа воопшто добра и секогаш постои можност да стапи кон полошо", наведе Ганиу во објавата.
Потврдените случаи со Ковид-19 во земјава значително се зголемија во последните денови. Пратеникот од редовите на владејачката партија Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ), Мухамед Зекири, денеска објави дека тој и неговата сопруга и ќерка се позитивни на Ковид-19.
Во Северна Македонија, денес се потврдени 62 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), со што вкупната бројка на дијагностицирани случаи со овој вирус во земјата изнесува 2.226, билансот на починати од почетокот на епидемијата во земјата се искачи на 133. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 17 оздравени пациенти, со што вкупниот број на излекувани пациенти се зголеми на 1.552.
Во моментот бројот на активни случаи со вирусот во земјата изнесува 541.