Husamedin Gina
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, истакна дека во Старата скопска чаршија се изведуваат работни активности во рамките на проектот „Промоција на туризмот во Старата скопска чаршија“, што опфаќа санирање на оштетениот камен травертин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Градоначалникот Ганиу даде изјава за медиумите во врска со работите што се изведуваат во Старата скопска чаршија, по бројните реакции на социјалните мрежи.
„Во Старата скопска чаршија се работи во рамки на проектот „Промоција на туризмот во Старата скопска чаршија“, што опфаќа санирање на оштетениот камен травертин. За тоа, нормално имаме добиено дозвола од сите надлежни институции, меѓу кои и од Управата за заштита на културното наследство“, нагласи Ганиу.
Истакнувајќи дека проектот е финансиран од Светската банка, Ганиу рече дека висината на грантот е околу 600.000 евра.
Според градоначалникот, овој проект за санација и зачувување на автентичниот изглед на Старата скопска чаршија предвидува поставување камен со ист материјал како и претходниот, травертин, на површина од 1.800 метри квадратни, дозволен според извештајот на лабораториската анализа за исполнување на условите.
Како што нагласи Ганиу, меѓу другото овој проект опфаќа реставрација на 75 дуќани во Чаршијата, каде што во минатото биле извршени неадекватни интервенции од страна на сопствениците.
„Како што можете да видите и самите во текот на работниот процес, целта не е да се направи измена на автентичноста на инфраструктурата на Старата скопска чаршија“, рече Ганиу, додавајќи дека некои портали тенденциозно објавуваат информации дека се нарушува автентичноста.
Тој, исто така, истакна дека каменот травертин што се вади не се продава како што пишуваат некои портали, туку се собираат и се складираат во магацин.
Ганиу рече дека тој камен ќе се класифицира и ќе се употреби во изградбата на улицата „Самарџиска“, која се наоѓа во Чаршијата.
Истакнувајќи дека со овој проект сите излози на дуќаните во Чаршијата ќе бидат унифицирани, градоначалникот Ганиу додаде дека травертинот, којшто се вади денес, е поставен во 1970 година, а не е повеќе од 500 години како што велат некои портали.
На новинарско прашање дали е спроведена анкета меѓу граѓаните за да се започне со работите во Чаршијата, градоначалникот на Чаир, Ганиу, истакна дека анкета не е спроведена бидејќи законски не ги обврзува, но анкета е спроведена кога се кандидирал за градоначалник на Чаир бидејќи било дел од неговата програма.
Тој исто така рече дека во процес се и детални планови за да се изградат во близина на Чаршијата две катни гаражи, кои би биле во функција на Чаршијата.