Husameddin Gina
21 Септември 2018•Ажурирај: 22 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Во рамките на активностите по повод месецот Мухарем (првиот месец од муслиманската лунарна година) во Старата скопска чаршија се делеше ашуре, јавува Anadolu Agency (AA).
Денот на ашуре веќе 14 години традиционално се организира во соработка на хуманитарното здружение „Ел Хилал“ и здружението „Енсар“ од Скопје, со поддршка на Општина Бурса од Турција и скопската Општина Чаир.
На настанот присуствуваа советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во земјата, Мурат Алкан, советничката за култура и промоција при Амбасадата на Турција, Чигдем Ѓулу, претседателот на Советот на општина Чаир, Заир Бектеши, претседателот на здружението „Ел Хилал“, Бехиџудин Шехаби, претставници на турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“, директорот на турската Фондација „Маариф“ (ТФМ) за Македонија, Мустафа Дилиоглу, како и голем број жители на Скопје.
Претседателот на Советот на општина Чаир, Заир Бектеши, пренесувајќи ја пораката од градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, истакна дека, поддршката на оваа манифестација за нив претставува големо задоволство.
„Би сакал да кажам дека сме многу среќни што по 14. пат, ја организиравме оваа традиционална церемонија на ашуре во рамките на општина Чаир“, истакна Бектеши.
Претседателот на здружението „Ел Хилал“, Шехаби, информираше дека подготвиле 11 казани ашуре.
„Се гордеам што во име на здружението „Ел Хилал“, „Енсар“ и во име на Општина Чаир, по 14. пат, непрекинато, можам да ве поздравам од ова значајно место. Сите хуманитарни претставници на „Ел Хилал“, „Енсар“, како и вработените во Општина Чаир, кога ја започнавме оваа манифестација, сакавме да ги зачуваме нашите историски вредности и нашата цивилизација“, рече Шехаби.
По повод Денот на ашуре се обрати и советникот за верски прашања при Амбасадата на Турција во земјата, Мурат Алкан, кој се осврна на значењето на постот во текот на овој значаен месец.
„Нашиот пророк Мухамед има хадис за постењето во текот на овој месец. Во хадизот се вели дека ако се пости во текот на овој месец, ќе бидат избришани сите гревови од минатата година“, нагласи советникот Мурат Алкан.
На манифестацијата се прочита и пораката на градоначалникот на општината, Алинур Акташ, кој ги поздрави сите присутни на манифестацијата.
По говорите, на присутните граѓани им беше доделено ашуре.
Инаку, зборот „ашуре“ потекнува од арапскиот јазик и произлегува од зборот „ашр“, кој на арапски значи „десет“. Денот на ашуре е десеттиот ден на месецот Мухарем. Месецот Мухарем е првиот месец од новата лунарна година и е еден од светите месеци за муслиманските верници.