Балкан

Лавров: „Русија го поддржува суверенитетот и интегритет на БиХ“

Лавров: „Согласни сме дека сите надворешни играчи на Балканот не треба да создаваат каква било конфронтирачка ситуација и дека кој било од нив не може да смета дека може да диригира со ситуацијата на Балканот, а на останатите да им биде забрането“

Dejan Maksimoviç  | 21.09.2018 - Обновена : 21.09.2018
Лавров: „Русија го поддржува суверенитетот и интегритет на БиХ“

Saraevo

САРАЕВО (АА) - Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија, по денешниот состанок во Сараево со својот колега од БиХ, Игор Црнадак, нагласи дека неговата земја во потполност го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и нејзиното внатрешно уредување со два ентитета и еднаквост на трите конститутивни народи, јавува Anadolu Agency (AA).

Лавров истакна дека денеска имал многу значаен состанок во Претседателството на БиХ, а потоа, уште подетален разговор со колегата Црнадак.

„Русија поаѓа од немањето алтернатива на Дејтонскиот договор. Во потполност го поддржува суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на БиХ, како и уставните овластувања на двата ентитета и еднаквоста на трите конститутивни народи во БиХ. Во наш интерес е резултатите од изборите, кои наскоро ќе се одржат во БиХ, да се засноваат на овие принципи“, нагласи Лавров.

Додаде дека исклучително го цени тоа што денес му е потврдено во Претседателството и во Министерството за надворешни работи на БиХ, а тоа е заинтересираноста да се зацврсти соработката меѓу двете земји.

„Трговската размена меѓу двете земји е во постојан раст, а тенденцијата се зголемува, благодарение на постојаниот раст на извозот на овошје и зеленчук од БиХ во Руската Федерација. Се реализираат големи инвестициски проекти на руски компании. Оваа година Русија и БиХ одбележуваат 40 години соработка. Ја продолжуваме нашата испорака на гас на БиХ без никакви проблеми. „Гаспром“ соработува со БиХ врз основа на два договора, еден со Федерацијата БиХ и еден со Република Српска. Ја нагласувам активната работа на мешаните комисии за надворешнотрговска размена, бидејќи тоа создава дополнителни услови за подобрување на подобрената соработка“, рече Лавров.

Лавров истакна дека во иднина двете земји ќе се консултираат околу меѓународните прашања, како што се европските интеграции и вклучување во Алијансата НАТО.

„Предвидени се консултации и за сите прашања околу случувањата во Југоисточна Европа, пред сѐ, на Балканот. Имаме слични ставови за потребата да се почитуваат принципите на кои се заснова Резолуцијата 1244. Го поздравуваме директниот дијалог меѓу Белград и Приштина, но најважно е тоа, она што ќе се договори, да биде навистина реализирано. Согласни сме дека сите надворешни играчи на Балканот не треба да создаваат каква било конфронтирачка ситуација и дека кој било од нив не може да смета дека може да диригира со ситуацијата на Балканот, а на останатите да им биде забрането. Нашата земја секогаш соработувала и со Европската Унија и со САД по сите прашања на овие простори, меѓу другото и во усогласувањето на Дејтонскиот договор, и не гледам причина за нешто тука да се менува“, рече Лавров. 

Кога станува збор за претстојните избори во БиХ, закажани за 7 октомври, Лавров го изнесе јасниот став на Русија:

„Имаме свои фаворити, а тоа се луѓето кои ќе ја добијат довербата на граѓаните на БиХ. Никогаш на никого не му препорачуваме за кого да гласа, кога станува збор за избори во друга земја. Повторно ќе го почитуваме изборот на граѓаните на БиХ и ќе соработуваме со оние кои ќе ја добијат нивната доверба.“

По состанокот во Министерството за надворешни работи на БиХ, Црнадак и Лавров потпишаа План за консултации меѓу министерствата за надворешни работи на БиХ и Руската Федерациј за периодот 2019/2020.

Лавров, на почетокот на официјалната посета на БиХ се состана со членовите на Претседателството на БиХ. На средбата учествуваа претседавачот со БиХ, Бекир Изетбеговиќ и членовите Младен Иваниќ и Драган Човиќ.

Во попладневните часови најавено е патување на Лавров за Бања Лука, каде што ќе го посети локалитетот на кој се поставени темелите за изградба на Српско-рускиот храм и на духовно-културен центар.

Планирано е Лавров да се состане и со Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска, со што би завршила неговата посета на БиХ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.