Husameddin Gina
21 Септември 2018•Ажурирај: 22 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Европарламентарците Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, на денешната прес-конференција, повикувајќи ги граѓаните да излезат на референдум, истакнаа дека втората рунда на дијалогот „Жан Моне“ ќе започне во декември или јануари следната година, јавува Anadolu Agency (AA).
Европарламентарците Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан, по состаноците со претседателот и потпретседателот на Собранието и координаторите на политичките партии истакнаа дека имале јасна потврда од сите соговорници за вредноста на дијалогот „Жан Моне“, и дека истиот треба да продолжи и во иднина.
„Ги поканивме политичките партии да достават дополнителни идеи за можните идни приоритети за дијалогот. Се согласивме да одржиме втор дијалог „Жан Моне“ во земјата. Исто така, се согласивме дека следната средба треба да се случи во декември или јануари следната година“, рече европратеникот Кукан.
Тој, исто така, лично ги повика граѓаните да излезат на референдумот, бидејќи тоа е историски миг за развојот на земјата.
„Се обраќам да гласаат позитивно. Исто така, сакам да кажам дека е суверено право на секој граѓанин на земјата како тој ќе гласа и одлуката ќе биде одлука на луѓето во Македонија, на народот во Македонија“, порача Кукан.
Европарламентарецот Кнут Флекенштајн, пак, го изрази своето задоволство што раководството на опозицијата во целост ќе даде поддршка за втората рунда на „Жан Моне“, и додаде дека само ако сите се инволвирани тогаш дијалогот ќе има смисла.
Флекенштајн, исто така, осврнувајќи се на референдумот, упати порака до граѓаните на Македонија.
„Јас навистина ги молам моите пријатели во Македонија, ве молам. Одете и гласајте, немојте да кажете не ни е грижа“, истакна Кнут.
Потсетуваме дека претставниците на парламентарните партии во македонското Собрание на првата средба во рамки на дијалогот „Жан Моне“ одржана во Охрид, во мај, постигнаа согласност за промоција и придвижување на интегративниот процес кон ЕУ.