Admir Fazlagic
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ илјадници граѓани продолжија со протестите против, како што велат, платформата на албанските политички партии во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како и во изминатите денови, така и вечерва, протестот започна пред Владата на Македонија и продолжи кон Собранието, од каде предводниците на протестите порачаа дека „нема да дозволат разнебитување на државата", извикувајќи: „Не за Тиранската платформа" и „Не федерализација на Македонија" ...
Учесниците на протестот што се одржува истовремено со средбите на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници со политичките лидери во Собранието, изразија и благодарност до претседателот Ѓорге Иванов кој својот термин за средба со Хан и го отстапи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Дел од говорниците упатија критики на сметка на еврокомесарот Хан, поради, како што рекоа, неговата објава на социјалните мрежи во која, како што наведоа, еврокомесарот Хан напишал: „Патот до ЕУ останува отворен за Скопје“, истакнувајќи дека тој „не го споменал името Македонија, туку напишал Скопје".
Освен тоа, говорниците пред Собранието истакнаа дека е време „еврокомесарот Хан да ги дознае аргументите и причините поради кои македонскиот народ протестира повеќе од 20 дена".
Поддржувачите на граѓанската иницијатива, вечерва упатија порака до меѓународната заедница истакнувајќи дека доколку меѓународната заедница и мисли добро на Македонија и македонскиот народ, најмалку што може да направи, рекоа, е јасно и недвосмислено да ја „отфрли албанската платформа која ги загрозува националните и државните интереси."
Исто така, претходно денеска поддржувачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ одржаа мирен протест и пред ЕУ Инфо-центарот во Скопје, додека еврокомесарот Хан беше таму, порачувајќи дека не е добредојден и извикувајќи пароли против ЕУ.
На крај, порачаа дека ќе протестираат и утре и во иднина, се додека не бидат исполнети нивните барања за кои протестираат и го изразуваат незадоволството на улиците, повеќе од 20 дена.
Мирни протести вечерва се одржаа и во повеќе градови и населени места низ Македонија.