Besar Ademi
25 Ноември 2016•Ажурирај: 26 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Република Македонија, Иво Вајгл, заедно со европратениците Кнут Флекенштајн и Еудард Кукан се наоѓа во еднодневна посета на Македонија и реализира средби со политичките партии. „Сите политички партии се подготвени за фер и транспарентен натпревар за изборите на 11 декември, коишто ќе можат да се одржат во атмосфера на доверба и транспрентност“, јавува Anadolu Agency (AA).
Вајгл истакна дека во име на Европскиот парламент, заедно со своите двајца колеги се обидуваат да ѝ помогнат на земјата да излезе од политичката криза, и додаде дека во рамките на нивната посета се сретнале и со јавната обвинителка, и изразиле интерес и поддршка за работата на оваа институција.
„Сите политички партии покажаа оптимизам во однос на резултатите што ги очекуваат од изборите. Во исто време има соработка меѓу лидерите за да се избегнат компликациите и инцидентите во текот на предизборната кампања. Имаме многу добра причина да веруваме дека изборите ќе бидат праведни и дека ќе бидат еден нов почеток за Македонија. Нормално, по изборите ќе дојде време да се признаат резултатите од нив и да се продолжи со реформите утврдени со договорот од Пржино“, изјави Вајгл.
Во меѓувреме, европратениците Кнут Флекенштајн упати апел до граѓаните масовно да излезат на изборите и рече дека се надева оти овие парламентарни избори ќе бидат успешни.
Тројцата известувачи на Европскиот парламент за Република Македонија ја посетија земјата со цел да се информираат за подготовките за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 11 декември. Покрај средбите со политичките партии, делегацијата на ЕП составена од тројца членови одржа средби и со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, како и со претставници на граѓанското општество.