Dejan Maksimoviç
21 Септември 2018•Ажурирај: 21 Септември 2018
САРАЕВО (AA) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска во Сараево е пречекан од членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), пренесува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со претседавачот, Бакир Изетбеговиќ, и Младен Иваниќ и Драган Човиќ, членовите на Претседателството на БиХ, Лавров ќе ја продолжи официјалната посета на БиХ во Министерството за надворешни работи.
Потоа следува состанок со босанско-херцеговскиот колега Игор Црнадак. Според зборовите на Црнадак, главни теми на состанокот со Лавров ќе бидат економијата, мултилатералната соработка и поддршката на Русија за Дејтонскиот договор.
По разговорите е планирано Црнадак и Лавров да потпишат План на консултации помеѓу Министерството за надворешни работи на БиХ и Министерството за надворешни работи на Руската Федерација за период 2019/2020.
Во попладневите часови најавена е посета на Лавров на Бања Лука, каде што ќе ја посети локацијата на која се поставени темелите за изградба на Српско-рускиот храм и Духовно-културниот центар.
Исто така, планирано е Лавров да се состане со Милорад Додик, претседателот на бх. ентитетот Република Српска. Потоа следува состанок на делегациите и доделување одликувања.
По конференцијата за медиуми, Лавров ќе одржи состанок и со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.