Ekip
20 Септември 2018•Ажурирај: 21 Септември 2018
АТИНА (АА) - Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, денес истакна дека е уверен оти прелиминарниот Договор за името со соседна Македонија ќе биде целосно ратификуван, и покрај противењата во двете земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шефот на грчката дипломатија денеска во Атина се состана со министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас, а по средбата се осврна на очекувањата од референдумот во Македонија. Тој изрази очекување дека на претстојниот референдум ќе биде поддржана промената на името во „Северна Македонија“.
Доколку се примени, Договорот ќе стави крај на децениски долгиот билатерален спор и ќе го потпомогне пристапувањето на Македонија во НАТО и Европската Унија (ЕУ).
Коѕијас денес потенцираше и дека штом македонскиот Парламент го коригира Уставот на земјата, со цел приспособување кон промените, грчките законодавци исто така ќе го ратификуваат Договорот, и покрај тоа што најголем дел од опозициските партии го отфрлаат.
Грчкиот министер рече дека временските рамки за финализирање на процесот веројатно ќе бидат одложени за околу еден месец, односно за кон крајот на јануари.
Во понеделникот, германскиот министер Мас престојуваше во Македонија каде што имаше средби со политичките лидери на државата. Во врска со прашањето, во случај референдумот да помине позитивно, која е неговата порака до грчката страна, бидејќи потоа спроведувањето на Договорот ќе остане на грчката страна, германскиот министер нагласи дека истата порака упатена до македонската страна важи и за грчката страна.
„На Грците нема да им речам ништо поразлично од тоа што ви го реков вам. Мислам дека ова е една историска можност, бидеќи ова несогласување повеќе од две декади, има можност да се реши, и тоа со можност да се прифати од страна на народите на двете земји. Ова не е само во интерес на Македонците, туку и во интерес на Грците“, рече Мас.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција, во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.
Дел од спроведувњето на Договорот е и одржување референдум во Македонија, кој е закажан за 30 септември оваа година. Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“