Admir Fazlagic
01 Септември 2017•Ажурирај: 02 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Пратениците на Европскиот парламент, Кнут Флекенштајн, Едуард Кукан и Иво Вајгл, денеска престојуваат во посета на Македонија, во чии рамки остварија средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со лидерите на политички партии и со координаторите на парламентарните партии, пренесува Anadolu Agency (AA).
Членовите на Европскиот парламент, Кнут Флекенштајн, Едуард Кукан и Иво Вајгл, информираа дека одржале средби со политичките претставници во земјата, со цел да дискутираат за моменталните случувања во земјата и за зајакнувањето на политичкиот дијалог во Собранието.
„Ние се состанавме со претседателот на Собранието, Талат Џафери, лидерите на политичките партии и координаторите на парламентарните партии за да дискутираме за нашата континуирана поддршка за дијалог меѓу политичките партии, особено за реформската агенда неопходна за членството на земјата во ЕУ и за ефикасното институционално функционирање на Собранието. Дискутиравме за предизвиците во Парламентот, во сегашната политичка клима, и сите се согласивме дека политичкиот дијалог е од суштинско значење за унапредувањето на итните реформи и подобрување на парламентарната култура и атмосфера во Собранието“, се вели во соопштението на тројцата европратеници.
Се наведува дека претседателот на Собранието и политичките партии ја поздравуваат посветеноста на Европскиот парламент и предлозите на европратениците за поддршка на дијалогот и потрагата по компромиси кои претставуваат карактеристики на сите ефективни и модерни парламентарни институции.
„Разговаравме за понатамошниот политички дијалог во Собранието и за поддршката на градење капацитети за вработените и пратениците во Парламентот, вклучително преку техничка експертиза поддржана од Европската комисија“, велат европратениците Флекенштајн, Кукан и Вајлг.
Тие истакнуваат дека секогаш ја искажувале својата солидарност да соработуваат со Собранието, за поддршка на земјата на патот кон европската интеграција.
„По нашите состаноци, забележуваме нова идна динамика во земјата. Исто така, задоволни сме од интересот што го изразија претседателот на Собранието и лидерите на политичките партии за да се вклучат во дијалогот за прашања од стратешко значење за земјата и за нејзините граѓани, вклучувајќи ги и реформите потребни за унапредување на патот за европска интеграција. Со нетрпение очекуваме понатамошни разговори во врска со овие прашања. Пред локалните избори, ние исто така ги охрабруваме сите политички претставници и институции да дејствуваат одговорно и да обезбедат услови во коишто граѓаните ќе можат слободно да ги остварат своите демократски права“, информираа тројцата европратеници по средбите со релевантните политички претставници во Македонија.