Ivana Ramadanova
12 Мај 2016•Ажурирај: 12 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Специјалниот пратеник на Германија за Македонија, Јоханес Хајндл, пристигна во Скопје на дводневна посета каде што ќе разговара со претставници на партиите, потписнички на Договорот од Пржино, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пишаната изјава до медиумите тој вели дека допатувал во Македонија за да се запознае со ситуацијата, посочувајќи дека иако времето е кратко сега е потребен заеднички напор од сите политички партии за да се спроведат потребните реформи.
„Дојдов за да се запознаам со ситуацијата и првeнствено да ислушам. Станува збор за тоа, процесот кој е инициран од ЕУ и од САД да вроди со успех. Мојата задача ја гледам во активната поддршка на овие напори. Развојот во последните денови одново јасно покажува дека времето е кратко и сега е потребен заеднички напор од сите политички партии за спроведување на потребните реформи и решително да се продолжи по патот“, се вели во изјавата на Хајндл.
Хајндл попладнево во МНР имаше средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, а потоа е предвидена средба со амбасадорите на земјите - членки на ЕУ и на САД во Македонија. Доцна попладне и утре ќе разговара и со претставници на партиите потписнички на договорот од Пржино.
Хајндл неодамна беше именуван од страна на германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, за специјален пратеник на Берлин кој ќе работи заедно со Европската унија и САД и ќе помага при решавање на кризата во Македонија.