Hatice Özdemir
10 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Партијата за правда и развој (АК Партија) и премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, во врска со предложените уставни измени во Турција истакна дека на тој начин ќе бидат решени многу проблеми со кои се соочува оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Предложените измени во основа ќе ги решат евентуалните проблеми со кои ќе се соочуваме во иднина. Исто така, овие предлози ќе придонесат за решавање на одредени проблеми со кои како Влада моментално се соочуваме“, рече Јилдирим во турскиот Парламент, за време на расправата за уставните измени.
Тој истакна и дека уставните измени се важни за целата земја.
„Тука разговараме за иднината на Турција. Од денес ќе разговараме за уставните измени, од сите агли. Парламентот на најдобар начин ќе расправа за овие промени. Граѓаните така подобро ќе сфатат што значат овие уставни измени“, рече Јилдирим.
Тој истакна дека верува оти уставните измени ќе ѝ помогнат на Турција да го достигне нивото на современата цивилизација.
Инаку, пратениците во Народното собрание на Република Турција го разгледуваат предлогот на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) во врска со промената на Уставот на земјата.
Расправата во турскиот Парламент за уставните измени коишто би овозможиле дасе воведе претседателски систем во земјата е отворена, а предлогот на АК Партијата претходно наиде на одобрение и од опозициската Партија на национално движење (МХП). Парламентарците од редовите на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП) на почетокот од расправата посочија дека предлогот за уставните промени нема да ја има нивната поддршка.
Турскиот премиер, Бинали Јилдирим и претседател на АК партијата, во претходните изјави ги повика сите опозициски партии да земат активно учество во уставните измени.
„На Турција ѝ е потребен нов устав што ќе го следи нејзиниот раст и развој. Ние не сме партија што дојде на власт оставајќи ги проблемите за внуците, туку Партијата АК своето име и репутацијата ги изгради така што ги решававме проблемите и му служевме на народот. Така, и ова прашање ќе го реши АК Партијата. Ние ќе донесеме нов устав и ќе донесеме претседателски систем во Турција. Би сакале во тоа да земат учество и со нас да ја делат честа и опозициските партии. Немаме скриени цели“, рече Јилдирим.
Според важечките одредби на Уставот на Република Турција, амандманот со кој би се овозможило воведување на претседателски систем бара двотретинска поддршка во Парламентот, кој се состои од вкупно 550 пратеници. По усвојувањето од страна на Парламентот, претседателот на државата може да го ратификува или да повика на референдум за ова прашање. Со измените, меѓу другото, се предвидува и намалување на администрацијата и помал број министерства.