Kurbani Geyik
02 Јуни 2016•Ажурирај: 02 Јуни 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Tурција, Бинали Јилдирим, денес изјави дека акциите против терористичката организација ПКК и другите терористички групи ќе бидат продолжени сè додека терористите не го положат оружјето и не ја напуштат територијата на таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на турската владејачка Партија за правда и развој (АК Партија) и турски премиер, Јилдирим, присуствуваше на 109-от состанок на регионални лидери на партијата, и во таа пригода нагласи дека Турција и нејзиниот народ немаат проблем со Курдите, според тоа како одредени кругови сакаат да го прикажат тоа, туку имаат проблем со добро организираната терористичка организација ПКК.
„Се додека терористите на ПКК не го положат оружјето и не го залијат со бетон, како што рече и нашиот претседател, додека не ја напуштат земјата, нашата борба, акциите ќе продолжат”, изјави претседателот на АК Партијата и турски премиер, Бинали Јилдирим, на собирот одржан во седиштето на АК Партијата.
Истакнувајќи дека АК Партијата поддршката од народот ја заслужила со тоа што секогаш работела во склад со волјата на тој ист народ, Јилдирим изјави дека основна задача на политичарите е да работат и решаваат проблеми, а не да навлегуваат во непотребни полемики и дискусии кои никому не носат корист.
„Во тој контекст, најважен фактор е времето. Пари има и секогаш до нив може да се дојде, но секој изгубен ас никој не може да го врати. Ние не сме власт и партија која навлегува во полемики, туку работиме и градиме и за нас зборуваат нашите дела. Имаме свој лидер кој секогаш праќа јасни и разбирливи пораки за своите домашни и меѓународни прашања. Нека ни го чува Бог”, порача Јилдирим и додаде дека суштината на демократијата не е во тоа власта да го обликува народот според себе, туку да биде она што е и нејзиниот народ.
Потсетувајќи на уставните реформи и директните избори за претседател на Турција, Јилдирим додаде дека актуелниот претседател има легитимитет, а дека актуелниот Устав е фаличен во дел во кој претседателот го третира со симболична и репрезентативна функција. Тој додаде дека турскиот Устав мора да се усклади со реалната ситуација на теренот.
„На Турција ѝ треба нов Устав кој ќе го следи нејзиниот раст и развој. Ние не сме партија која е на власт затоа што проблемите ги остававме на нашите внуци, туку АК Партијата има свое име и углед со тоа што ги решававме проблемите и ѝ служевме на нацијата. Така и ова прашање ќе биде решено од страна на АК Партијата. Ќе донесеме нов Устав и претседателски систем на Турција. Сакаме во тоа да учествуваат и да ја споделат со нас таа чест и опозициските партии. Ние немаме скриени цели”, изјави Јилдирим.