Barış Gündoğan
24 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш денес во Анкара изјави дека администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама немала никаков план за решавање на сириското прашање, и дека од новиот претседател Доналд Трамп се очекува да пружи поддршка во корист на народот, јавува Anadolu Agency (AA).
Куртулмуш беше гостин на денешниот уреднички колегиум на АА во Анкара, каде што одговараше на прашања од новинарите и уредниците на АА од сите делови на светот, а се осврна и на актуелните случувања во Турција.
Коментирајќи во врска со усвојувањето на нацрт-законот за уставни измени во Турција, Куртулмуш рече дека откако таа одлука ќе ја одобри претседателот на државата, следува процесот за референдум.
На прашањето дали е вистина дека Партијата на правдата и развојот (АК Партија) и Партијата за национално движење (МХП) имаат план да формираат "влада на национален договор", Куртулмуш рече: „Можно е задкулисно да се зборува за тоа, но такви планови не постојат. Во моментов, секако, имаме една самостојна влада, која ги доби гласовите на народот. Во оваа смисла, 65. Влада на Република Турција ќе продолжи со својата работа до 2019 година. Според мое мислење, нема потреба за каков било вид заедничка влада“, рече Куртулмуш.
Заменик премиерот на Турција додаде дека измената на Уставот на Турција ќе ѝ овозможи многу побрзи механизми за донесување одлуки што ќе придонесе за подинамичен развој на земјата.
„Претседателот ќе го составува кабинетот и ќе има можност за многу побрзо донесување на одлуки. Паралелно со тоа, ќе биде под низа на многу силни механизми на надзор. Така Турција многу побрзо ќе одлучува бидејќи некои од механизмите ќе бидат исклучени, а посебно во сферата на економијата тоа побрзо донесување на одлуки ќе придонесе за подинамичен развој на земјата", рече Куртулмуш.
- Се надеваме дека новата администрација на Трамп ќе ги поддржи решенијата за народот во Сирија и во Ирак -
Кога станува збор за преговорите за Сирија, кои започнаа вчера во главниот град на Казахстан, Астана, Куртулмуш потсети дека во оваа земја војната трае шест години во којашто животот го загубија 600.000 лица, дека се убивни цивили, и оти цели градови се срамнети со земја.
„Точката на којашто се наоѓаме сега е во тоа што ниту една сила не може да ја добие оваа војна на теренот. Ние како Турција испративме порака дека е доста. Во овој процес имаше многу грешки на коалициските сили, но и во други земји. Од Русија до Иран. Но, сега не е време да се зборува за тоа. Турција и Русија започнаа иницијатива за еден процес на дијалог“, рече Куртулмуш.
Тој додаде дека досега се направени голем број позитивни чекори од Алепо до воспоставувањето на примирјето во земјата, а како резултат на сето тоа започнаа и преговорите во Астана.
Тој нагласи дека Турција, Русија и Иран се земји-гаранти во овој процес, но дека во процесот ќе учествуваат и САД, било само на ниво на амбасадори.
„Овие луѓе во текот на два дена ќе седнат на маса, тоа ќе бидат мирни преговори. Природно е на почетокот да имаме различни ставови бидејќи станува збор за страни кои се излезени од војна. Но, за првпат ќе се преговара на иста маса. Ако овие преговори бидат продолжени по вистинскиот пат, и ако Турција, Русија, Иран, САД и ОН го прават она што треба, ќе се реализира и надежта за мир, што не беше случај за време на процесот во Женева. Турција има надеж кога станува збор за преговорите во Астана. Се надеваме дека преговорите ќе продолжат и дека ќе биде постигнат мир, но не кревок, туку праведен и долгорочен мир“, рече турскиот вицепремиер Нуман Куртулмуш.