Ali Murat Alhas
20 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Терористите на ЈПГ/ПКК го прекршија договорот постигнат помеѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) за северна Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана. Во официјалното соопштение, Министерството истакнува дека терористите на ЈПГ/ПКК, од 17 октомври 2019 година, направиле 22 прекршувања во северна Сирија, игнорирајќи го договорот меѓу турските и американските официјални претставници.
„Турските вооружени сили, во согласност со договорот Турција - САД, постигнат на 17 октомври 2019 година, внимателно го следат повлекувањето на терористите на ЈПГ/ПКК од регионот“, се нагласува од Министерството.
Потенцирајќи дека Турција очекува излегување на припадниците на терористичката организација во рокот од 120 часа, договорен со администрацијата на САД, во соопштението се додава дека Турција е во блиска координација со американските колеги.
Од турското Министерство за одбрана се вели дека конвој од 55 возила влегол во сирискиот град Рас ал Ајн, а друг со 86 возила заминал за Тал Амир.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
На 17 октомври Турција се сложи привремено да ја запре операцијата „Извор на мирот“ на 120 часа заради повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од планираната безбедносна зона.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и американскиот потпретседател, Мајк Пенс, исто така постигнаа договор Турција да формира 32 километри широка безбедносна зона јужно од турската граница во Сирија.
Анкара сака да ја расчисти северна Сирија, односно подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПКК.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.