Sarp Özer
20 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
КАЈСЕРИ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, категорично ги отфрли сите тврдења за употребата на хемиско оружје во операцијата „Извор на мирот“ и нагласи дека Турските вооружени сили немаат ниту еден грам од забранетото хемиско оружје во својот инвентар, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Акар имаше обраќање во градот Кајсери, каде што ја посети гимназијата во којашто учел и тој пред пет децении.
На прашањето за тековната операција што ја спроведуваат Турските вооружени сили (ТСК) против терористите на ЈПГ/ПКК во североисточна Сирија, Акар рече дека целта на операцијата е да се отстранат сите ризици, закани и опасност по националната безбедност и интересите што постојат на јужната граница на Турција.
„Од една страна со таа операција ќе ја обезбедиме нашата граница, а од друга страна ќе ги избркаме терористите од тоа подрачје, ќе формираме безбедносна зона и ќе им овозможиме на сириските бегалци во Турција да се вратат. Ние немаме претензии за туѓа територија и го почитуваме територијалниот интегритет на Сирија и сите други соседни држави“, рече Акар.
Тој истакна дека Турција во преговорите со Соединетите Американски Држави (САД) и другите коалициски партнери направила сè да се дојде до заеднички процес на формирање безбедносна зона во северна Сирија, но дека партнерите не биле желни да преземат каков било конкретен чекор во тој правец.
„Видовме дека тие не ги исполнуваат дадените ветувања, а дека терористите секој ден се сѐ посилни. Затоа ја започнавме операцијата тој 9 октомври“, изјави Акар.
Нагласувајќи дека турските сили ја спроведуваат операцијата со водење максимална грижа за безбедноста на цивилте, Акар рече дека на сцена е присутна голема кампања за ширење лаги и дезинформации за операцијата.
„Многу лажни вести и завери се пуштени во етер. Тука многу важна работа прави Anadolu Agency која ги разоткрива лажните фотографии и за тоа ја информира јавноста“, рече Акар и појасни дека протагонистите на терористичката организација ЈПГ/ПКК користат фотографии снимени во Виетнам, Палестина и други места и се обидуваат да ги прикажат како да се направени во операцијата „Извор на мирот“.
Истакнувајќи дека терористите се единствена цел на турската операција, Акар рече дека турските сили никогаш не изведуваат напади на цивили, ниту на културни, верски и други објекти. Тој ја повика јавноста да ги погледне фотографиите на градовите кои турските сили ги ослободија од терористите во Сирија, а да ги погледнат и разурнатите Мосул, Рака и другите градови што ги ослободуваа коалициските сили предводени од Американската војска.
Со цел неутрализација на терористичката закана и безбедност на границата, Турција на 9 октомври ја започна воената операција „Извор на мирот“ во североисточна Сирија, која е под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК. Со ослободување на тоа подрачје Турција сака да овозможи враќање на бегалците и зачувување на територијалниот интегритет на Сирија.