свет

Ердоган: „Еднаш подигнатото знаме никогаш повеќе не се спушта“

„Од кога се застанува во заштита на терористичката организација која војува против членка на НАТО?", рече Ердоган, мислејќи притоа на терористичката организација ЈПГ/ПКК

Zehra Aydın  | 14.10.2019 - Обновена : 15.10.2019
Ердоган: „Еднаш подигнатото знаме никогаш повеќе не се спушта“

БАКУ (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган го повтори ставот дека терористите се цел на операцијата „Извор на мирот" на северот на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).

„На оние кои говорат дека Курдите се целта на операцијата „Извор на мирот", дека борбата против ДЕАШ ќе ослабне, дека ќе биде сменета демографската структура и дека ќе биде блокирано секое политичко решение, јасно им порачувам: Вашите тврдења се лага и клевета, нашата цел се терористите", рече Ердоган во обраќањето на бизнис форумот на Советот на туркофонските земји во Баку.

Истакна исто така дека терористите на ЈПГ/ПКК на северот на Сирија врз турските погранични населби од почетокот на операцијата „Извор на мирот" исфрлија повеќе од 700 гранати.

„Од тие гранати загинаа најмалку 18, а ранети се близу 200 наши сограѓани", рече Ердоган и додаде:

„Без уништувањена терористичкото мочуриште на северот на Сирија нема да има мир ниту за Сирија, ниту за регионот", рече турскиот претседател, напоменувајќи дека Турција е крајно решителна да ја спроведе операцијата „Извор на мирот".

„Одлучни сме операцијата да ја водиме до крај. Ќе ја завршиме започнатата работа. Еднаш подигнато знаме никогаш повеќе не се спушта“, рече Ердоган, истакнувајќи дека Турција притоа води грижа за цивилите и населените подрачја во Сирија.

„Нашите арапски браќа избегаа од барел бомбите во Сирија. Сега ние се грижиме за нив. Тоа го сфаќаме како наша братска обврска", рече Ердоган.

Осврнувајќи се на критиките против турската антитерористичка операција на северот на Сирија, се запраша како некој може да и дава предност на терористичката организација ЈПГ/ПКК наместо на Турција, која е долгогодишна членка на НАТО.

„Од кога се застанува во заштита на терористичката организација која војува против членка на НАТО?", рече Ердоган, мислејќи притоа на терористичката организација ЈПГ/ПКК.

Иако Турција е речиси 70 години членка на НАТО, земјите членки на Алијансата, како што се Франција, Велика Британија и САД, ја критикуваа турската операција „Извор на мирот".

Турција на 9 октомври ја покрена операцијата „Извор на мирот", со цел елиминирање на терористите на северот на Сирија за да ги обезбеди своите граници, да овозможи сигурно враќање на сириските бегалци и да обезбеди територијален интегритет на Сирија.

Анкара сака северот на Сирија и подрачјата источно од реката Еуфрат да ги исчисти од терористите на ПКК и нивниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.

Во текот на својата кампања против Турција која трае неколку децении, ПКК - која Турција, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација - одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои се жени, деца и стари луѓе.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.