Nilay Kar
14 Октомври 2019•Ажурирај: 14 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Високата советничка на турското Претседателство, Ѓулнур Ајбет, изјави дека Турција е посветена на спроведувањето на операцијата „Извор на мирот“ за расчистување на терористите на ЈПГ/ПКК од својата граница и осигурување безбедно враќање на сириските бегалци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за „Фокс њуз ченел“ (Fox News Channel), високата советничка одговори на тврдењата дека турските сили ги нападнале американските војници за време на тековната антитерористичка операција на земјата и погрешните информации во врска со операцијата.
„Ние сме посветени во спроведувањето на операцијата бидејќи имаме две цели. Едната е да се расчисти нашата граница од оваа терористичка група - ЈПГ, која е еквивалентна на ПКК [организација на листата терористички организации на САД и ЕУ]. Втората цел е да обезбедиме враќање на околу еден до два милиони сириски бегалци. Веќе сме домаќини на 4 милиони од нив во нашата земја“, додаде таа.
Наведувајќи дека ЈПГ зафатила голема територија североисточно од Сирија, по американската политика за нивно вооружување, таа рече дека вооружувањето на една терористичка група да се бори против друга е многу лошо замислена политика.
„Ние сме многу разочарани што сè уште соработувате со ЈПГ надвор од зоната на нашата операција. Сметаме дека треба да ја прекинете [оваа политика]“, рече Ајбет.
„Ним [на ДЕАШ] им беше дозволено да растат под надзорот на ЈПГ, која всушност им дозволи на илјадници од нив да избегаат од Рака“, продолжи таа.
„Ние, за жал, не извршивме операција во Рака. Им предложивме на Американците да го сториме тоа заедно, но тие одлучија тоа да го направат со терористичката организација. Мислам дека американската јавност има право да го знае тоа, зарем не мислите така?“, изјави советничката на турскиот претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп имаше „право што сака да ги врати дома американските трупи затоа што е неправедно тие да бидат заложници на оваа лошо замислена политика наследена од претходниот администрација, вооружувајќи една терористичка група, ЈПГ, да се бори против друга“, рече Ајбет.
Како одговор на тврдењата дека турските сили ги нападнале американските војници во северна Сирија, таа рече: „Ние не отворивме оган на американските војници. Тоа е лага изречена од ЈПГ. Ние вративме оган на терористите кои пукаа на нас од тој регион.“
„Бевме внимателни да не отвориме оган врз американските набљудувачки места таму“, додаде советничката.
Вооружените сили на Турција (ТСК) и Сириската национална војска (СНВ), во средата, на 9 октомври, ја покренаа операцијата „Извор на мирот“, чија цел е да се воспостави мир и безбедност во регионот и да се оневозможи терористичкиот коридор кој терористите имаат намера да го воспостават јужно од границата со Турција.
Турските сили операцијата ја спроведуваат против терористичката организација ЈПГ/ПКК, а од Анкара е соопштено дека турските сили ќе ги преземат терористите на ДЕАШ од притворските центри во тој дел на Сирија. За најадекватно решение Анкара го смета тоа терористите да се предадат на земјите од каде што дошле во Сирија и да се процесуираат во тие земји.