Beyza Binnur Dönmez
09 Октомври 2025•Ажурирај: 10 Октомври 2025
ЖЕНЕВА (АА) - Унгарскиот писател Ласло Краснахоркаи ја доби Нобеловата награда за литература за 2025 година „за своето впечатливо и визионерско творештво што, среде апокалиптичниот ужас, ја потврдува моќта на уметноста“, соопшти норвешкиот Нобелов комитет денес, јавува Анадолу.
Краснахоркаи, роден во 1954 година во југоисточниот унгарски град Ѓула, се истакна со својот дебитантски роман „Сатантанго“ објавен во 1985 година. Делото, чие дејство е сместено во рурална средина слична на неговото родно место, стана вистинска книжевна сензација во Унгарија.
Меѓу неговите најпофалувани дела е „Herscht 07769“, опишан како значаен современ роман поради остриот приказ на општествените немири во мал град во Тирингија, Германија, поставен во контекст на наследството на германскиот композитор и музичар Јохан Себастијан Бах.
Краснахоркаи пронашол инспирација и во Источна Азија, создавајќи поетски и лирски дела, како „Планина на север, езеро на југ, патишта на запад, река на исток“ (2003) и наградуваниот роман „Сеиобо таму долу“ (2008).
Минатата година Нобеловата награда за литература ѝ беше доделена на јужнокорејската авторка Хан Канг за „нејзината интензивна поетска проза што се соочува со историските трауми и ја открива кревкоста на човечкиот живот.“
Нобеловите награди, востановени според тестаментот на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел и првпат доделени во 1901 година, се сметаат за едни од најпрестижните светски признанија.
Секоја година се доделуваат во областите на физиката, хемијата, медицината, литературата и мирот, а наградата за економија беше воведена во 1969 година од Централната банка на Шведска.