Betül Yürük
10 Октомври 2017•Ажурирај: 10 Октомври 2017
ЊУЈОРК (АА) - Овогодишниот добитник на Нобеловата награда за мир, Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје (ICAN) го повика американскиот претседател Доналд Трамп да не го поништува постигнатиот меѓународен договор за иранската нуклеарна програма, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорката на ИЦАН, Беатрис Фин, се обрати пред новинарите во седиштето на ОН во Њујорк и во таа пригода изјави дека Нобеловата награда ќе ја мотивира ИЦАН да ја продолжи борбата за забрана на нуклеарното оружје.
Таа најави дека ќе продолжи кампањата за да ги убеди нуклеарните сили САД, Кина и Русија да се придружат на кампањата за денуклеаризација на оружените сили во целиот свет.
„Последиците од нуклеарните напади би биле погубни за човештвото. Државите коишто тврдат дека својот нуклеарен арсенал го поседуваат како нужност за зачувување на националната безбедност, не можат да го убедат ни режимот на Северна Кореја во спротивното“, изјави Фин.
Фин се осврна и на постигнатиот меѓународен договор за прекин на иранското развивање на нуклеарната програма, при што ја повика Белата куќа да не го поништува тој договор бидејќи нема докази дека Иран не го почитува договорот.
„Свесни сме дека оваа Нобелова награда никогаш нема да го наведе претседателот Трамп да се откаже од нуклеарното оружје, но е добра можност за таа тема да проговори и јавноста во целиот свет“, заклучи Фин.