Umur Koçak Semiz
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Овогодишната награда за физика ја добија научниците Дејвид Џ. Тулес, Ф. Данкан M. Халдеин и Џ. Мајкл Костерлитц, јавува Anadolu Agency (AA).
Комитетот за доделување на Нобеловата награда донесе одлука Тулес да добие половина од наградата, т.е. 4 милиони шведски круни (околу 416.000 евра), а преостаната половина да ја поделат Халдеин и Костерлитц.
„Овогодишните добитници на наградата ја отворија вратата на непознатото“, се наведува во соопштението на Комитетот и се вели дека наградата е доделена за откритието дека материјата може да добие необични состојби, и дека во процесот користеле математички формулации за да се проучи состојбата на суперпроводливост, супертечности и тенки магнетни слоеви.
Научниците ќе ги добијат признанијата и медалите на 10. декември, денот кога се одбележува годишнината од смртта на Алфред Нобел.
Комитетот за доделување на наградите утре ќе го објави добитникот на Нобеловата награда за хемија, а во наредните неколку дена ќе бидат соопштени и добитниците на Нобелови награди за мир и за економија.
Во периодот од 1901 до 2015 година, Нобеловата награда за физика е доделена 109 пати, а ја добија 201 научник. Научникот Џон Бардин добивајќи ја Нобеловата награда во 1956 и во 1972 година, стана единствениот научник што во истата област добил две Нобелови награди.
Добитничка на две Нобелови награди била и Марија Кири, која во 1903 година ја освои Нобеловата награда од областа на физиката, додека во 1911 година, Нобеловата награда за хемија.
До денеска, само две жени ја освоиле Нобеловата награда за физика. Тоа се Марија Кири и Марија Гоперт-Маер, која наградата ја освои во 1963 година.
Најмладиот добитник на Нобеловата награда за физика е Лоренс Брег, на 25-годишна возраст, додека најстариот добитник на оваа престижна награда е Рејмонд Дејвис, во 2002 година, на 88-годишна возраст.
Интересно е тоа што физиката е област во која има најголем број членови на семејства кои ја освоиле оваа награда. Тука најпознати се сопружниците Марија и Пјер Кири, таткото Вилијам Брег и синот Лоренс, таткото Нилс Бор и синот Ејџ Н. Бор.
Минатата година, Нобеловата награда за физика им беше доделена на Такааки Каита од Јапонија и Артур Б. Мекдоналд од Канада.