Satuk Buğra Kutlugün
01 Октомври 2018•Ажурирај: 02 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Нобеловата награда за медицина е доделена на истражувачи од Соединетите Американски Држави (САД) и Јапонија за нивната пионерска работа на полето на користењето на сопствениот имунолошки систем на телото за борба против ракот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Паричната награда од 1,01 милиони долари ќе ја делат Џејмс Алисон од Универзитетот „Тексас“ во Остин, САД, и Тасуку Хонџа од Универзитетот во Кјото, Јапонија.
„Комитетот за Нобелова награда им ја додели наградата на овие истражувачи за нивното откривање на терапија за канцер преку инхибиција на негативната имунолошка регулација“, се вели во соопштението на Комитетот.
„Епохалните откритија на двајцата лауреати претставуваат значајна точка во нашата борба против канцерот“, истакнаа од Институтот „Каролинска“ во Шведска.
Нобеловата награда за медицина е обично прва од Нобеловите награди што се доделуваат секоја година. Достигнувањата во науката, литературата и мирот се наградуваат секоја година по името на бизнисменот Алфред Нобел од 1901 година.
Оваа година, поради финансиски и сексуален скандал, Нобеловата награда за литература нема да биде доделена.
Роден во Хјустон, Тексас, во 1948 година, американскиот научник Џејмс П. Алисон спроведе епохално истражување во терапијата за рак и е најмногу познат по својата работа за тоа како Т-клеточната инхибиторна молекула (CTLA-4) може да доведе до зголемен антитуморски одговор на имуниот систем и до отфрлање на туморот.
Роден во 1942 година во Кјото, Хасуку Хонџа е јапонски имунолог, познат по идентификувањето на протеинот ПД 1 (Programmed Cell Death Protein 1).