Sena Güler
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Нобеловата награда за хемија денес беше доделена на тројца научници, двајца од Соединетите Американски Држави (САД) и еден од Велика Британија, за нивната работа на полето на еволутивната биологија, јавува Anadolu Agency (AA).
Шведската Кралска академија на науките соопшти дека доделила половина од паричната награда во износ од 1,01 милион долари на Френсис Арнолд (62) за контролирана еволуција на ензимите, додека другата половина од наградата е доделена на Џорџ П. Смит (79) и Грегори Винтер (67) за бактериофагско прикажување на пептиди и антитела.
„Во 1993 година Френсис Арнолд ја изведе првата контролирана еволуција на ензими, односно на протеини кои катализираат хемиски реакции. Оттогаш, таа ги унапреди методите кои денес рутински се користат за развивање на нови катализатори“, истакнуваат од Академијата.
Употребата на ензимите на Франсис Арнолд вклучува поеколошко произведување на хемиските супстанции, како што се фармацевтските производи и производството на обновливи видови на горива за поеколошки транспортен сектор.
Арнолд е петтата жена која ја добива наградата.
Од Академијата се вели дека во 1985 година, Смит (79) развил метод познат како бактерофагско прикажување, каде што бактерофагот - вирус кој ја инфицира бактеријата - може да се користи за развивање на нови протеини, додека Винтер (67) го користел бактерофагскиот приказ за контролирана еволуција на антителата, со цел производство на нови фармацевтски производи.
Нагласувајќи дека првиот лек, adalimumab, базиран врз овој метод е одобрен за употреба во 2002 година, и се користи за третирање на ревматски артритис, псоријаза и за воспалителни заболувања на цревата, Академијата додава: „Оттогаш, бактерофагскиот приказ произведе антитела кои може да неутрализираат токсини, да се спротивстават на автоимуните болести и да излекуваат метастази на рак.“
Арнолд работи на Калифорнискиот универзитет за технологија во САД, Џорџ Смит работи на Универзитетот во Мисури, САД, додека Грегори Винтер во Лабораторијата на Медицинскиот истражувачки центар за молекуларна биологија во Велика Британија.
Нобеловата награда за хемија во 2015 година ја доби Азиз Санџар, научник со турско потекло кој работи на Универзитетот во Северна Каролина во САД.