Hajer M'tırı
30 Септември 2016•Ажурирај: 01 Октомври 2016
ПАРИЗ (АА) – Денес заврши дванаесетгодишната мисија на вселенското летало Розета, во текот на којашто таа слета на кометата 67P/Чурјумов-Герасименко, јавува Anadolu Agency (AA).
Розета не е дизајнирана за спуштање, така што не го преживеа падот на кометата, но научниците на мисијата велат дека таа својата работа ја завршила и собрала податоци коишто ќе се анализираат со децении.
Потврдата за завршувањето на мисијата стигна во контролниот центар на Европската вселенска агенција (ЕСА) во Дармштад, Германија, денес во 13 часот и 19 минути по локално време, во моментот кога е загубен сигналот на Розета при нејзиниот пад на кометата.
„Розета уште еднаш влезе во книгата на историјата. Денес го славиме успехот на мисијата што ги менува правилата на играта, мисија којашто ги надмина сите соништа и мисија што го продолжува наследството на новитетите на ЕСА, слетување на комета“, изјави Јохан-Дитрих Ворнер, генералниот директор на ЕСА.
Вселенското летало Розета две години ја следеше кометата 67P/Чурјумов-Герасименко низ Сончевиот систем, сѐ додека не се доближила до Сонцето и станала активна на 6 август 2014 година. Потоа, на 12 ноември 2014 година, на кометата се спушти роботската станица Филе.
Неверојатното патување на Розета траеше 12 години, шест месеци и 28 дена. Во орбитата е лансирана на 2 март 2004 година.