Ayşe Aktaş
03 Октомври 2017•Ажурирај: 04 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Оваа година, Нобеловата награда за физика е доделена на тројца американски научници кои ги открија гравитациските бранови, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Комитетот за доделување на Нобеловата нагдара се наведува дека овогодишната Нобелова награда од областа на физиката им е доделена на тројца американски научници за нивниот придонес во откривањето на гравитациските бранови.
Наградата ја добија Рајнер Веис, по потекло Германец, од Институтот за технологија во Масачусетс, Бери Бариш и Кип Торн од Институтот за технологија во Калифорнија.
Половина од паричната награда во износ од девет милиони шведски круни (околу 1,1 милион долари) доби Веис, додека остатокот ќе го делат Бариш и Торн. На тројцата научници на 10 декември, по повод одбележувањето на годишнината од смртта на Алфред Нобел, ќе им бидат врачени дипломи и златни медали.
„За првпат на 14 септември 2015 година се забележани гравитациските бранови во универзумот. Брановите, кои пред 100 години ги предвиде Алберт Ајнштајн, се појавија со судирот на две црни дупки. Патот на брановите до детекторот 'LIGO' во САД траеше 1,3 милијарди светлосни години. Сигналите кои стигнаа до Земјината топка беа многу слаби, но имаа големо значење за астрофизиката“, се вели во соопштението.
Нагласено е и дека работата на тројцата научници во оваа област било од клучно значење за ова откритие.
Шведската Кралска академија на науките утре ќе ги објави добитниците на Нобеловата награда за хемија, и в петок и добитниците на Нобеловата награда за мир.
Нобеловата награда за физика е една од Нобеловите награди којашто се доделува секоја година од страна на Шведската Кралска академија на науките. Таа е една од петте Нобелови награди кои се доделуваат по желбата на Алфред Нобел во 1895 година, а се доделува од 1901 година.
Првата Нобелова награда за физика му беше доделена на Германецот Вилхелм Рентген, за заслугите во однос на исклучителната работа околу откивањето на икс-зраците.
Критериумите и предлозите за доделување на оваа награда ги одредува Нобеловата фондација и генерално се смета за една од најпрестижните награди во светот којашто може да ја добијат физичарите. Се доделува во Стокхолм на годишното доделување на 10 декември, годишнината од смртта на Алфред Нобел.