Umur Koçak Semiz,Emre Aytekin,Dildar Baykan
06 Октомври 2017•Ажурирај: 07 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Норвешкиот комитет за доделување на Нобеловата награда објави дека овогодишната Нобелова награда за мир е доделена на Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ICAN), јавува Anadolu Agency (AA).
Во образложението на Комитетот е наведено дека ИЦАН ја добива Нобелова награда за мир поради укажувањето на фактите за катастрофалните ефекти на нуклеарното оружје и за сите вложени напори за забрана на ова оружје.
„Живееме во време кога ризикот од примена на нуклеарно оружје во проценти е многу поголем од претходно. Додека некои држави го обновуваат своето нуклеарно вооружување, како што тоа го прави Северна Кореја, од тоа произлегува сериозна опасност другите земји да сакаат да имаат нуклеарно вооружување. Нуклеарното вооружување претставува постојана опасност и закана за целиот свет и за целото човештво. Меѓународната заедница ја прифати забраната на мините и бомбите на копно, и биолошкото и хемиското вооружување. Нуклеарното вооружување, кое има поголем катастрофален ефект, се уште не е тема на слични меѓународни правни забрани. ИЦАН со својот труд помогна да се пополни оваа правна празнина“, пишува во соопштението на Комитетот за доделување на Нобеловата награда.
ИЦАН е формиран во 2006 година, со поттик од Меѓународната иницијатива на физичари за спречување на нуклеарна војна. Кампањата е претставена во 2007 година во Мелбурн, каде што беше одржан донаторски собир.
Кампањата денес е поддржана од 468 невладини организации и од 101 држава, а центарот на кампањата се наоѓа во швајцарскиот град Женева.
ИЦАН освен Нобелова награда за мир доби и парична награда од девет милиони шведски круни (околу милион евра). Наградата ќе биде доделена на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.
Нобеловата награда за мир е признание за посебни заслуги во областите на обединување на народот, разоружување или намалување на светскиот или регионалниот воен потенцијал, политичко и друго образование, како и одржување на мировни конференции. Оваа награда, како и другите Нобелови награди, е донација на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, а од 1901 година се доделува секоја година, на 10 декември во Осло, на годишнината од неговата смрт.