Vesna Besiç
11 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
СРЕБРЕНИЦА (AA) - Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари вечерва се собраа преживеаните жртви од геноцидот кои изразија незадоволство и огорчување откако на австрискиот писател Петер Хандке денес и официјално му е доделена Нобеловата награда за книжевност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Преживеаните жртви на геноцидот не криеа огорчување, а доделувањето на Нобеловата награда за книжевност на Хандке ја сметаат за понижување на жртвите од геноцидот.
Ахмед Хрустановиќ, чиј татко е убиен во геноцидот испрати силна порака на Шведската кралска академија по повод доделувањето на Нобеловата награда на Хандке.
„Четири сестри беа Зехта, Кадира, Фатима и Зехра. Убиени се 13 нивни синови. Убеиени се пет синови на Зехта кои се викаа Амил, Халид, Назиф, Авдија и Дахмо. На мојата баба Кадира убиени ѝ се тројца синови Рифет, Хајрудин и Хазим. На Фатима ѝ се убиени синовите Механ и Фајко. На Зехра ѝ се убиени синовите Садо, Севдет и Асим. Тие четири беа сестри, и нивните синови беа убиени. Мислам дека поголема порака на Шведската академија од ова место не ѝ треба. Во прашање е само едно семејство. Тоа е само едно гледиште на геноцидот. Ние мораме да говориме, да се слушне нашиот глас ширум светот", рече Хрустановиќ.
Фазила Ефендиќ, претседателката на здружението „Сребренички мајки" вели дека преживеаните жртви никогаш нема да го заборават геноцидот, но дека се и ограничени поради сето она што се случува.
„Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи. Негирањето на геноцидот стана константно, а со доделувањето на наградата на Хандке се отиде чекор понатаму. Очигледно, многумина немаат разбирање и чувства кон жртвите на геноцидот. Овој писател го негира геноцидот, ги велича воените злосторства. Не се чудиме што постои таков писател, ќе постојат уште такви, но поразително е што му е доделена Нобеловата награда", рече сребреничката мајка.
Сепак, Фазила Ефендиќ смета дека е охрабрувачки фактот голем број луѓе ширум светот се спротивставил и искажал незадоволство поради доделување на наградата на Хандке.
„Охрабрува што голем број лица од јавниот живот, познати и светски личности изразија негодување поради наградата на овој писател. Ние не смееме да молчиме, нашиот глас мора да се слушне, бидејќи ние говориме вистина", рече Ефендиќ.
На Садмир Нукиќ во геноцидот му е убиен татко. Тој смета дека Нобеловата награда на Хандке е „охрабрувачка порака за злосторства".
„Лоша порака за жртвите од геноцидот, а од друга страна охрабрувачка порака за злосторниците. Жал ми е што Меѓународната заедница и светот не ги извлекуваат пораките од минатото, туку ова е дополнителен ветер во грб на негаторите на геноцидот и на злосторниците. Последиците допрва ќе се почувствуваат. Не е ова прво понижување за жртвите, имаше понижувања и во минатото, но со доделувањето на оваа награда на еден ваков човек дојде до дното", смета Нукиќ.
Овогодинашниот добитник на Нобеловата награда за книжевност, австрискиот книжевник Хандке, познат е по контроверзните ставови за случувањата на овие простори, односно по тоа што го негираше геноцидот во Сребреница и се залагаше за одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија и обвинет од Хаг за воени злосторства.