Admir Fazlagic
10 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, соопшти дека дале инструкции амбасадорот на Северна Макдонија во Шведска да не учествува на церемонијата на доделувањето на Нобеловите награди за 2019 година во Стокхолм, каде му е доделена Нобеловата награда за книжевност на контроверзниот австриски книжевник Петер Хандке, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот. Затоа му дадовме инструкции на амбасадорот на Северна Македонија во Шведска да не земе учество во церемонијата на доделувањето на Нобелова награда на Хандке“, напиша министерот за надворешни работи Никола Димитров на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.
Во изминатите денови Косово, Албанија, Турција и Хрватска реагираа поради доделувањето на Нобеловата награда за книжевост на контроверзниот австриски книжевник Петер Хандке и соопштија дека нема да учествуваат на церемонијата на доделувањето на Нобеловата награда во Стокхолм.
Во сенка на критиките и на протестите, во Концертната куќа во Стокхолм вечерва се доделени Нобеловите награди за 2019 година.
Овогодинашниот добитник на Нобеловата награда за книжевност, австрискиот книжевник Хандке, познат е по контроверзните ставови за случувањата на овие простори, односно по тоа што го негираше геноцидот во Сребреница и се залагаше за одбрана на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија и обвинет од Хаг за воени злосторства.
Доделувањето на Нобеловата награда на Хандке, во Косово и во регионот предизвика бројни негативни реакции, а одржан е и протест пред Амбасадата на Шведска во Приштина.