Adis Karaca,F. V.
10 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
БИХАЌ (АА) - Преместувањето на мигрантите од кампот „Вучјак“ кај Бихаќ, Босна и Херцеговина, започна попладнево и се одвива според планот, потврди за новинарите министерката за здравство на Унско-санскиот кантон, Нермина Ќемаловиќ, јавува Агенција Анадолија (AA).
Таа рече дека еден автобус со мигранти го напуштил кампот, додека другите шест наскоро ќе тргнат кон кантонот Сараево, каде што ќе бидат сместени во кампот „Ушивак“, во близина на Хаџиќ.
„Мигрантите не се жалат поради преместувањето во „Ушивак“. Извршена е здравствена контрола и сите се прегледани. Забележани се случаи на шуга и настинки поради долгиот престој во кампот“, рече Ќемаловиќ.
Распуштањето на кампот „Вучјак“, во кој во нехумани услови мигрантите престојуваа со месеци, според најавите на надлежните институции, најверојатно ќе заврши в среда.
Мигрантите до оспособувањето на касарната во Блажуј кај Сараево ќе престојуваат во кампот „Ушивак“.
Префрлањето на мигрантите го контролираат припадниците на Министерството за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон.