Rabia İclal Turan
08 Октомври 2021•Ажурирај: 09 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Новинарите Марија Реса и Дмитри Муратов се добитници на Нобеловата награда за мир за 2021 година за нивната „бестрашна борба за слободата на изразување“ во Филипините и во Русија, објави денеска Норвешкиот Нобелов комитет, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Добитничката на Нобеловата награда, Марија Реса, ја користи слободата на изразување за да ja открие злоупотребата на моќта, употребата на насилство и зголемениот авторитаризам во нејзината родна земја, Филипините“, се вели во соопштението на Комитетот, и се додава: „Како новинар и извршен директор на Раплер, добитничката на Нобеловата на наградата за мир, Марија Реса, се покажа како бестрашен бранител на слободата на изразување.“
Реса во 2012 година ја основа компанијата „Раплер“, дигитална медиумска компанија за истражувачко новинарство на Филипините.
За рускиот лауреат Дмитри Муратов, Комитетот истакна дека тој со децении ја бранел слободата на говорот во Русија под сѐ потешки услови.
Муратов беше еден од основачите на „Новаја газета“ во 1993 година, дневен весник познат по критичкиот став за политичките и социјалните прашања на Русија.
„И покрај убиствата и заканите, главниот и одговорен уредник Дмитриј Муратов одби да се откаже од независната политика на весникот. Тој постојано ги бранеше правата на новинарите“, истакна Комитетот.
Нобеловата награда за мир е во вредност од 10 милиони шведски круни (1,1 милион долари).
Минатата година Нобеловата награда за мир ја доби Светската програма за храна на ОН за нејзините напори во борбата против гладот.
Претходната година наградата беше доделена на етиопскиот премиер Абиј Ахмед за „напорите за постигнување мир и меѓународна соработка и за неговата одлучувачка иницијатива за решавање на пограничниот конфликт со соседна Еритреја“.
Претходните добитници на наградата се првиот црнечки претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела (1993), поранешните американски претседатели Џими Картер (2002) и Барак Обама (2009), како и активистката Малала Јусафзаи (2014), ЕУ (2012), ОН и нивниот тогашен генерален секретар Кофи Анан (2001).