Zehra Ulucak
27 Јануари 2019•Ажурирај: 28 Јануари 2019
МАНИЛА (АА) - Во два одделни бомбашки напади врз католичка црква во јужниот дел на Филипините, смртно настрадаа 20, а повредени се 81 лице, пренесува Anadolu Agency (AA).
Безбедносните службеници информираа дека се извршени два одделни напади врз католичка црква во подрачјето на островот Холо.
Се нагласува дека експлозиите се случиле за време на неделната литургија, при што животот го загубиле 20 лица, од кои 15 цивили и 5 безбедносни службеници и војници, додека 81 лице се повредени, од кои 65 цивили и 16 безбедносни службеници.
Министерот за одбрана на Филипините, Делфин Лорензана, нагласи дека по нападот безбедносните службеници биле упатени кон местото на настанот. Тој изјави дека се преземени интензивни безбедносни мерки и дека повредените биле пренесени во најблиските болници.
Според филипинските медиуми, портпаролот на Претседателството на земјата, Салвадор Панело, нападите ги опиша како терористички, изјавувајќи дека Владата на Филипините најостро ги осудува.
Панело нагласи дека се бараат сторителите на нападите и дека тие ќе бидат затворени.
Очевидците нагласија дека првата експлозија се случила во црквата, по која лицата кои се наоѓале внатре со паника излегле надвор, додека втората експлозија се случила една минута по првата експлозија до главната врата на црквата во времето кога безбедносните сили кои се наоѓале надвор, се упатиле кон црквата за да интервенираат.
Сѐ уште никој не ја презеде одговорноста за нападот.