Ekipa
16 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
ЗАМБОАНГА (АА) - Монсунските дождови коишто во текот на викендот предизвикаа поплави и свлечишта на северниот дел од Филипините, однесоа седум човечки животи, додека седум лица се водат како исчезнати, пренесува Anadolu Agency (AA).
Монсунските дождови ги зафатија Филипините пред седум дена, а тамошните метеоролози предвидуваат дека врнежите ќе се задржат до крајот на неделата. Националниот совет за управување со катастрофи соопшти дека поради монсунските дождови, раселени се околу 30.000 семејства.
Меѓу загинатите се наоѓаат и 68-годишно лице, кого поплавата го повлекла додека го преминувал мостот во средишната филипинска покраина Илоило, како и 11-годишно дете кое загина во Манила.
Досега дождот оштети околу 40 домаќинства, додека 154.988 жители се сместени во прифатни центри. Владата за помош на загрозените обезбеди околу 65.000 долари. Филипините инаку годишно ги зафаќаат околу 20 тајфуни, од кои поголемиот дел се опасни.
Тајфунот Хаијан, еден од најсилните тајфуни забележaни некогаш во светот, во 2013 година на Филипините однесе 8.000 животи.