наука и технологија

Нобеловата награда за мир за 2025 година доделена на лидерката на венецуелската опозиција

Мачадо, која има 58 години, ја доби наградата „за нејзината неуморна работа во промовирањето на демократските права на народот на Венецуела“

İlayda Çakırtekin  | 10.10.2025 - Обновена : 11.10.2025
Нобеловата награда за мир за 2025 година доделена на лидерката на венецуелската опозиција

ИСТАНБУЛ (АА) – Нобеловата награда за мир за 2025 година ѝ беше доделена на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, соопшти денес Норвешкиот Нобелов комитет, јавува Анадолу.

Мачадо, која има 58 години, ја доби наградата „за нејзината неуморна работа во промовирањето на демократските права на народот на Венецуела“.

Таа е позната како една од најгласните фигури во борбата против авторитарното владеење и залагањата за воспоставување демократски институции во својата земја.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп јавно лобираше да биде меѓу добитниците, Комитетот одлучи наградата да ѝ ја додели на Мачадо, препознавајќи ја нејзината долгогодишна посветеност на човековите права и политичката слобода.

Оваа година за наградата беа номинирани вкупно 338 кандидати, од кои 244 индивидуи и 94 организации.

Минатогодишната Нобелова награда за мир ѝ беше доделена на групата Нихон хиданкјо, движење составено од преживеани од атомските бомбардирања во Јапонија, за нејзините напори да се создаде свет без нуклеарно оружје и за сведоштвата со кои ја потсетуваат јавноста дека такви оружја никогаш не треба повторно да се употребат.

Во период од 1901 до 2024 година, Нобеловата награда за мир била доделена 105 пати на вкупно 142 лауреати, меѓу кои 111 индивидуи и 31 организација.

Меѓу нив, Меѓународниот комитет на Црвениот крст ја има добиено трипати, а Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) двапати.

Нобеловите награди, основани според тестаментот на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, се доделуваат од 1901 година и претставуваат едни од најпрестижните признанија во светот.

Тие се доделуваат секоја година во областите физика, хемија, медицина, литература и мир, а наградата за економија беше додадена подоцна, во 1969 година, од Централната банка на Шведска.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.