Тројца научници ја добија Нобеловата награда за хемија за 2025 година за развој на „метално-органски рамки“
Добитници на престижното признание се Сусуму Китагава од Универзитетот во Кјото, Ричард Робсон од Универзитетот во Мелбурн и Омар М. Јаги од Универзитетот во Калифорнија, Беркли

СТОКХОЛМ (АА) – Тројца научници се добитници на Нобеловата награда за хемија за 2025 година за нивното пионерско истражување и развој на „метално-органски рамки“, јавува Анадолу.
Добитници на престижното признание се Сусуму Китагава од Универзитетот во Кјото, Ричард Робсон од Универзитетот во Мелбурн и Омар М. Јаги од Универзитетот во Калифорнија, Беркли.
Кралската шведска академија на науките соопшти дека тројцата лауреати развиле нови молекуларни структури со пространи рамки што им овозможуваат на молекулите да минуваат низ нив, познати како „метално-органски рамки“.
Овие структури можат да се применат во повеќе области – за добивање вода од пустински воздух, прочистување вода, складирање водород и апсорпција на јаглерод диоксид.
„Метално-органските рамки имаат огромен потенцијал, отворајќи претходно непредвидени можности за материјали изработени по нарачка со нови функции“, рече Хајнер Линке, претседател на Нобеловиот комитет за хемија.
Минатата година наградата за хемија ја добија Дејвид Бејкер од Универзитетот во Вашингтон и Демис Хасабис и Џон Џампер од Гугл ДипМајнд, за нивните откритија во областа на компјутерскиот дизајн на протеини и предвидување на нивната структура, како и за унапредување на медицината и биотехнологијата.
Нобеловите награди, воспоставени според тестаментот на шведскиот пронаоѓач Алфред Нобел, првпат беа доделени во 1901 година и се сметаат за најпрестижни признанија во светот.
Тие секоја година се доделуваат во областите физика, хемија, медицина, литература и мир, а подоцна беше додадена и наградата за економија од страна на Шведската централна банка во 1969 година.
Од нивното воведување, Нобеловите награди повремено биле суспендирани, 49 пати, главно за време на Првата светска војна и Втората светска војна. Наградите исто така не беа доделени во 2020 и 2021 година поради пандемијата на Ковид-19.
Лауреатите ќе ги добијат своите медали и дипломи на церемонија во Стокхолм на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.