Sibel Uygun
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Главниот технолошки директор на турската компанија за производство на воени беспилотни летала, „Бајкар“, Селчук Бајрактар, денеска објави видео на „Телеграм“ во кое се прикажува успешното тестирање на третиот прототип на военото беспилотно летало „Акинџи“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Првата испорака на третиот „Акинџи ПТ-3“ е планирана да се реализира наскоро.
Минатиот август, вториот прототип на турското паметно воено беспилотно летало од домашно производство успешно го помина тестот на височина од 20.000 стапки (6.096 метри).
Првиот прототип го изведе својот втор лет на 10 јануари 2020 година. Ова конкретно беспилотно летало може да лета 24 часа, може да лета на максимална височина од 40.000 стапки (околу 12.192 метри), има распон на крилата од 20 метри и капацитет на носивост од 1.350 килограми.
Најмодерното беспилотно летало, опремено со радар со активно електронско скенирање (AESA) од домашно производство и ракети воздух-воздух „Гокдоган“ и „Боздоган“, може да лансира неколку проектили од домашно производство, како што се крстосувачките ракети СОМ.
Леталото може да собира и зачувува податоци од своите сензори и камери благодарение на шест компјутери со вештачка интелигенција.
Со своите системи на вештачка интелигенција може да открие цели на копното невидливи за човечкото око и да лета без ГПС.
Турските беспилотни авиони одиграа клучна улога во промената на рамнотежата на силите во Либија во корист на Владата на национално единство поддржана од Турција во Триполи, и му помогнаа на Азербејџан да ја извојува победа над Ерменија во Нагорно Карабах.