Ayşe Yıldız
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
АНТАЛИЈА (АА) - АЈШЕ ЈИЛДИЗ –
Анталија, која за време на епидемијата на Ковид-19 им даде доверба на своите гости, минатата година ја посетија 3.512.910 туристи, од кои 1.509.648 беа гости од Русија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Анталија, која е една од најважните туристички дестинации на светот, се издвојува со морето, песокот, сонцето, како и со историските и природните убавини, античките градови и луксузните сместувачки капацитети.
Во градот, кој секоја година е домаќин на милиони туристи, под координација на Министерството за култура и туризам беше понудена безбедна можност за одмор во рамките на Програмата за сертификација на безбеден туризам.
Според информациите на новинарот на АА базирани на Директоратот за култура и туризам на Анталија, минатата година Анталија ја посетиле 3.512.910 туристи.
Благодарение на преземените мерки за време на епидемијата, градот Анталија стана адреса на здрав и безбеден одмор.
Според податоците, Анталија најмногу ја посетиле туристи од Русија - 1.509.648, потоа следуваат Украина со 557.765, Германија со 346.319, Велика Британија со 211.881 и Полска со 90.751 турист.
- „Резервациите продолжуваат“ -
Улкај Атмаџа, претседател на Здружението на професионални хотелски менаџери (POYD), во изјава за АА рече дека секторот постигнал голем успех во 2020 година.
Подвлекувајќи ја важноста на Програмата за сертификација на безбеден туризам, иницирана под раководство на Министерството за култура и туризам, Атмаџа нагласи:
„Турција со работата во областа на здравиот и безбеден туризам стана пример во светот. Благодарение на мерките кои беа преземени, нашите гости беа задоволни. Минатата година ја почнавме со рекорди. Но таа стана една од најтешките години во нашиот живот. Никој не го очекуваше Ковид-19. Капацитетите ги отворивме со спроведување на мерките. Во сезоната на гостите им понудивме безбеден и здрав туризам. Како и секоја година, Русија беше во прв план. Покрај тоа што е најблиска дестинација, Русите ја сакаат Анталија.“
- „Русите имаат особен интерес за Анталија“ -
Членот на Управниот одбор на Агенцијата за промоција и развој на туризмот во Турција, Џем Кинај, истакна дека биле успешни домаќини, и покрај епидемијата.
Истакнувајќи дека туристи од голем број земји ја избрале Анталија како дестинација, Кинај нагласи: „Анталија беше најпосетуваната дестинација во светот. Русите имаат особен интерес за Анталија. Го сакаат амбиентот, храната и хотелите во Турција. Анталија е најубавата дестинација во светот каде што се практикува ‘All Inclusive‘. Тој е омилениот систем на Русите.“