АНКАРА (АА) - По Светскиот самит за одржлив развој што во 1992 година се одржа во Бразил, Обединетите нации (ОН) ја усвоија Конвенцијата за биолошките видови, која е потпишана поради алармантните димензии на штетите што се предизвикани од човечките активности врз ресурсите на билошките видови и можноста за исчезнување на некои од нив, пишува Anadolu Agency (AA).
Конвенцијата стапи во сила 1993 година, а во моментов е потпишана од 195 земји и Европската Унија (ЕУ).
Оваа конвенција, особено се фокусира на концептите за одржливо унапредување и развој. Таа се фокусира на животните, растенијата и микроорганизмите, на заштитата на нивните екосистеми, а перспективата на Конвенцијата е поширока, земајќи го предвид правото на луѓето за живот во чиста средина, одржливоста на човечката храна, безбедноста, згрижувањето, лековите и здравјето.

- Човечкото здравје е зависно од биолошката разноводност и здравите екосистеми
Со цел да се промовира заштитата и развојот на природната средина за овозможување на одржливоста на Земјата, ОН секоја година 22 мај го одбележуваат како Меѓународен ден на биолошката разновидност.
Годинава овој ден се одбележува под темата „Нашата биолошка разновидност, нашата храна и нашето здравје“, имајќи за цел зголемување на свеста околу поврзаноста на човечкото здравје и исхраната со биолошката разновидност и здравите екосистеми во светот.
Голем број меѓународни организации и различни невладини организации во целиот свет објавија извештаи во кои се истакнува заштитата на биолошката разновидност.
- Биоразновидноста е од суштинско значење за храната и земјоделството
Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) истакна дека биоразновидноста е од суштинско значење за храната и земјоделците, за што станува збор во Извештајот за глобалната состојба на биолошката разновидност, која е од значење за храната и земјоделството, подготвен од страна на Комисијата за генетски ресурси за храна и земјоделство.
Во извештајот се наведува дека климатските промени, потрошувачкиот избор, урбанизацијата, демографските промени, измените во користењето на земјиштето, загаденоста, прекумерните жетви и ширењето на инвазивните видови, се елементи кои негативно влијаат врз биолошката разновидност.
- Алармантни се димензиите на загуба на биолошките видови
Обединетите нации (ОН), давајќи примери за различните истражувања кои се изработени на таа тема на светско ниво, потенцираат дека во извештајот се истакнуваат забележителните алармантни димензии на загубите на биолошките видови во природата.
Во извештајот, истакнувајќи дека една третина од рибите се жртви на прекумерен риболов, а една третина од рибите во слатките води се наоѓаат во опасност, се додава дека насекаде во светот, во опасност се наоѓаат и копнените биолошки видови и растителниот свет.
Покрај тоа, во извештајот се наведува дека се намалува бројот на колониите на пчели, и дека на глобално ниво постои опасност од исчезнување на видовите ’рбетни опрашувачи. Освен тоа, се истакнува дека постои тенденција на намалување на популацијата на птици, лилјаци и инсекти. Во продолжение на извештајот се вели дека пасиштата опфаќаат најмалку една третина од површината на Земјата, но се додава дека наспроти тоа, најголемиот дел од екосистемите се погодени од уништувањето на полињата.
Во извештајот се истакнува дека и покрај тоа што во последните 10 години, шумските површини се намалени до 50%, тенденцијата на намалување продолжува, и дека последните години на глобално ниво се забележани големи загуби и кај коралните гребени.
- Забележано е намалување од 60 отсто на популацијата кај животнискиот свет
Светскиот фонд за природа (WWF) и Здружението за зоологија од Лондон, од 1998 година, на секои две години го објавуваат Извештајот „Жива планета“, според кој, во последните 50 години забележан е пад од 38% на копнената животинска популација, 36% на популацијата на морската популација, додека најголеми загуби од 81% се забележани во мочуришните средини.
Според податоците објавени во извештајот за Глобалниот индекс на Живата планета, постои пад од 60% на популациите на животинските видови.
- Околу 1 милион животински и растителни видови се соочуваат со опасност од исчезнување
Во извештајот на Меѓувладината научно-политичка платформа (IPBES) на ОН на тема „Биолошки видови и услуги во екосистемот“ се истакнува дека поради човечки активности, околу 1 милион животински и растителни видови се соочуваат со опасноста од исчезнување.
Откривајќи дека активностите во земјоделството имаат најголемо влијание врз екосистемите, се истакнува дека покрај тоа, уништувањето на видовите и живеалиштата влијае и на климатските промени и претставуваат опасност за животот на Земјата.
- „Се соочуваме со ризик од исчезнување на 40% од пчелите“
Меѓународната унија за заштита на природата (IUNC), која ги истражува светската флора и фауна, информираше дека 27.000 видови се соочуваат со опасност од исчезнување, од кои 40% се видови кои живеат во вода или копно, 34% се дрвја четинари, 33% корални гребени, 27% видови ракови, 25% цицачи и 14% птици.
Од друга страна, Меѓународната унија за заштита на природата информираше дека светот се соочува со опасноста да дојде до уништување на 40% од пчелите кои се главниот актер и имаат најголем придонес во опрашувањето на посевите во светот.
Меѓународната унија за заштита на природата информираше дека од вкупно 300.000 видови растителен свет за кои се знае, анализирани се само 12.914 вида, при што е откриено дека 68% од популацијата на овие видови се соочуваат со опасност од исчезнување.