Sanja Janjackovic
01 Април 2017•Ажурирај: 02 Април 2017
НИШ (АА) - На фестивалот на науката под мотото „Науката не е баук во Ниш, посетителите во светот на различните научни области ги водат околу 1.000 ученици, студенти и претставници на научни организации од Србија со гости од Македонија, Унгарија и Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Куманово на фестивалот учествуваа учениците од средното техничко училиште „Наце Буѓони“, чии медицинари на посетителите им правеа тестови за личноста, им предложуваа начини на исхрана врз основа на крвната група и им го одредуваа нивото на стрес.
„Донесовме чаеви од Македонија кои го намалуваат нивото на стрес, од липа, маточина и хмељ. Може да ги пробате“, рече ученичката од ова училиште, Сања Станковска.
Нејзините врсници од унгарското училиште „Централ вокејшанал тренинг скул“ (Central Vocational Training School) ги претставија тајните на најпознатата играчка која доаѓа од нивната земја - Рубиковата коцка.
На штандовите распоредени на двата ката од фоајето на Факултетот за електроника, демонстраторите покажуваат дека науката може да биде многу интересена. Посетителите открија дека хемијата и биологијата го движат светот, што се тоа „паметни гелови“, кои врсти на руди и минерали постојат, кои печурки се најмногу отровни, што сè може да прават роботите ...
„Првпат го посетуваме овој саем и децата беа воодушевени. Им се допаднаа птиците на штандот на Заводот за заштита на природата, но и тоа што можеа да си играат со струја“, рече Иван Петровиќ, кој дошол на фестивалот заедно со синовите од 3 и 6 години.
Најмладите посетители се воодушевени што преку микроскопот ѕирнаа во светот за кои не знаеа дека постои и ги видоа праживотните, а со помош на 3Д очилата научија како изгледа виртуелната реалност. Хемичарите покажаа дека клинецот не мора секогаш да се кове со чекан, туку дека за тоа некогаш е доволна и банана.
Организаторите очекуваат оваа година бројот на посетители на фестивалот да достигне 25.000.