НИШ (АА) - Наскоро во домовите за стари лица во Кина, храна, пијалак и лекови на корисниците во домот ќе може да им носи робот кој е „ оживеан“ во Лабораторијата за роботика на Електронскиот факултет во Ниш. Роботот подготвен за масовно производство, според идејата на инвеститор од Швајцарија, ја разви седумчлен тим на студенти, асистенти и професори, јавува Anadolu Agency (AA).
Како раскажаа за АА, овој робот ќе може да ја следи здравствената состојба на лицата во домот. Може да се поврзе со паметни сензори за мерење на температура или крвен притисок, да се бележат податоци и за тоа да се известуваат лекарите. Освен тоа, може да служи и за комуникација, има мал фрижидер за чување на лекови, како и ламба. Со него се управува со помош на андроид апликација инсталирана на телефон или таблет.
„Роботот има локализација во просторот, ја знае својата позиција. Може да се движи по собите, да носи лекови, може да служи и како послужавник, да носи кафе, вода, било кој пијалак и храна. Едно од барањата беше, ако му се стави чаша со вода да се движи на тој начин да не ја истури водата“, вели асистентот Владимир Митиќ, кој работеше на развивањето на роботот.
Дизајнот и намената ги креираше приватна инвеститорска компанија, додека тимот на идни и сегашни инжинери по електроника од Ниш е заслужен за тоа што со роботот може да се управува и што може да се движи избегнувајќи препреки и да застане кога ќе „види“ дека го губи тлото, на пример, пред скали.
„Овој робот настана како многу добра идеја која ја имаа нашите колеги од Швајцарија, а кои се обидоа преку една американска компанија да ангажираат негов развој. Меѓутоа, од различни причини не можеа, потоа ние се вклучивме во таа приказна и за шест месеци докажавме дека роботот може да се направи за 1.500 евра и дека може убаво да работи“, вели професорот Горан С. Џорџевиќ.
Токму „разумната цена“ е причина поради која работата му припадна на нишкиот Електронски факултет, а не на конкурентите од Кина кои исто така преговараа со ивеститорот.
„Нивна желба беше да направиме робот за разумна сума на пари. Лимитот беше многу низок. Цело време моравме да се повлекуваме во рамките на тој лимит. Првиот прототип е развиен само да се докаже концептот дека е можно за мала сума на пари, со компонентите кои ги има, да направиме робот со исти функционалности кои ги има професионално направениот робот од дваесетина илјади евра“, објаснува професорот.
А за да се постигне таква ниска цена, нишкиот тим ја направи сам секоја матична плоча, креираше внатрешен систем на управување и ја разви целата електроника, драјвери, микроконтролерски плочи и софтвер.
„Единствено што купивме се батерија, мотори и сензори. Најголем предизвик беше токму потребата ефтина механика да се компензира со добри алгоритми, и тој дел го направивме многу добро. Роботот не треба да се смета само како голема конзерва. Тој е дел од системот за локализација и дел од системот за комуникација со другите роботи“, додава професорот Џорџевиќ.
Шест роботи, колку што до сега се развиени на Електронскиот факултет во Ниш, се во сопственост на инвеститорот чиј следен чекор е да ги тестира на дело. Нашите соговорници не го откриваат името на таа компанија бидејќи велат дека тоа е деловна тајна, но го откриваат планот на инвеститорот да започне масовно произвоство.
Оваа успешна работа е искуство значајно за сите во нишкиот тим.
„Секој ден учевме нешто ново. Најголем предизвик беше да се работи на навигацијата, и попатно да обезбедиме да може сам да се движи во просторот“, вели Владимир Сибиновиќ, соработник на Електронскиот факултет.
Сите во тимот се согласни дека оваа работа е значајна препорака за нивниот факултет. Сега планираат да најдат нови инвеститори, но да им наметнат свои идеи.
„Неодамна се пошегував дека еден од добро прифатените роботи би можел да биде роботот за готвење, кој би чинел колку еден малку поскап домашен апарат“, вели професорот Џорџевиќ.
Тој, асистентите и студентите се убедени дека можат да го направат, а останува само некој друг да го финансира проектот и да види дали тоа ќе се исплати на пазарот.
news_share_descriptionsubscription_contact
