Sanja Janackovic
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
НИШ (АА) - Точно 108 дена откако пеш од Берлин тргнаа за Алепо со цел, како што велат, да покажат солидарност со жртвите на војната во Сирија и насекаде по својот пат да ја шират пораката за мир, активистите на „Маршот на граѓаните за Алепо“ се наоѓаат на половина пат до целта, јавува Anadolu Agency (AA).
На патот кон Ниш, на 13 километри оддалеченото село Вртиште, иницијаторката на оваа мисија, новинарката Ана Албот од Полска откри дека на овој потфат ја поттикнале вестите за војната, како и фотографиите на жртвите и разорувањето во Сирија.
Групата моментално брои 24 активисти, а Ана ги повикува сите заинтересирани, барем на одредена делница, да им се приклучат и со тоа да покажат дека силно се спротивставуваат на војната.
„Пропешачивме повеќе од 1.500 километри, и еве сме на половина пат. Во групата имаме луѓе од Австрија, Германија, Полска, Италија, па дури и од Бразил. Некои се тука од почеток, а некои се враќаат дома, па повторно доаѓаат. Тоа е драгоцено“, раскажува Ана.
Дека има многумина кои ја поддржуваат нејзината идеја и најостро ги осудуваат страдањата во Сирија, покажуваат пораките со поддршка што секојдневно ги добива од сите делови на светот.
„Постојат оние кои, заради работата, семејството или од други причини, не можат да си дозволат да бидат со месеци далеку од дома, но нѐ поддржуваат и велат да маршираме и во нивно име. Тоа е одлично!“, вели Ана.
Оваа недела е заедно со семејството, бидејќи на Маршот, на една недела, се приклучи и нејзиниот сопругот со ќерките, на возраст од 6 и 7 години.
„Маршот на граѓаните за Алепо“ започна кон крајот на декември минатата година, така што низ Чешка и Австрија се пешачеше по снег, понекогаш и на минус 16 степени. Активистите минаа низ Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и пристигнаа во Србија, а ќе продолжат до целта преку Македонија, Грција и Турција.
Од самиот почеток во групата е и Јан Хоржел од Полска. Тој смета дека е успех ако народот во Сирија се почувствуваа барем малку подобро кога ќе дознае дека постојат оние кои сочувствуваат толку со нив што се подготвени да пешачат од Германија до Сирија. Истовремено, додава тој, потребно е да се шири пораката за мирот меѓу локалното население во секој град низ кој поминуваат.
“Луѓето ни приоѓаат и прашуваат кои сме и што правиме, ние им објаснуваме и ги шириме нашите идеи. Знаеме дека ова нема да ја запре војната, но може да влијае на свеста на луѓето за војната. Ние сме за мир во Сирија, но и за мир воопшто", вели Јан.
Истакнува дека темата за војната на Балканот со локалното население се прифаќа поинаку од, на пример, во Германија и во Чешка.
„Кога во Германија ќе споменете војна, тие велат дека нивните баби и дедовци им зборувале за тоа. А кога ќе се спомене на Балканот, поразлично е, сеќавањата се многу поблиски. Затоа и емоциите се со посилни емоции“, забележува Јан.
Тоа што во групата може да се слушнат различни јазици, и тоа што активистите се на возраст од 6 до 70 години, не смета сите одлично да соработуваат. Понекогаш, велат, се уморуваат, бидејќи да се пешачи повеќе од 20 километри секој ден не е лесно. Сепак, убедени се дека ќе издржат, бидејќи сите се обединети околу заедничката цел - во септември да стигнат во Алепо.