Senada İbraimova
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Здружението за слепи лица и лица со оштетен вид – Скопје, традиционално го одбележа започнувањето на велигденските празници, со организирање Велигденски базар во дворот на црквата „Св. Илија“ во Аеродром. Годинава тие добија поддршка од општина Аеродром, јавува Anadolu Agency (AA).
Здружението за слепи лица и лица со оштетен вид – Скопје веќе три години по ред организира Велигденска трпеза во различни цркви, на различни места во градот.
„Нашите жени – членки се претставуваат со изработките, односно со начинот на кој ние ја подготвуваме нашата Велигденска трпеза. Сакаме да покажеме дека и жените – членки на нашето здружение можат како секоја една домаќинка да се подготват за празниците“, изјави претседателката на Здружението за слепи лица и лица со оштетен вид – Скопје, Благица Петровска.
Петровска пренесе дека парите од продадената храна, којашто самите членови на здружението ја подготвуваат, годинава ќе бидат доделени во хуманитарни цели, односно еднократно ќе им се помогне на две социјално загрозени семејства, коишто се корисници на социјална помош, а воедно имаат и член во Здружението.
Празникот Велигден се смета за најважен верски празник според православниот календар.