Ivana Ramadanova
16 Април 2017•Ажурирај: 16 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Со биењето на камбаните, литургија и молитва, вечерва на полноќ голем број христијани во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" во Скопје го одбележаа најголемиот христијански празник, Велигден, јавува Anadolu Agency (AA).
Како и секоја година, така и оваа, голем број православни верници во дворот на Соборниот храм со запалени свеќи во рацете, со молитви за здравје и благосостојба и кршење на велигденските јајца го дочекаа празникот Велигден.
Овој голем христијански празник, за православните христијани претставува спој на верата и традицијата, а почнува на Велики четврток уште пред изгрејсонце кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца.
Според преданијата, оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Исус, се практикувала уште во времето на светите апостоли - христови ученици и нивните наследници.
Според верувањата на православните Христијани, велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на празникот Велигден. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден.
Со празникот Велигден завршува и 40-дневниот пост. Домаќинките по утринската литургија подготвуваат свечен Велигденски ручек кој според традицијата мора да има јагнешко месо.
Инаку, оваа година православните христијани го слават Велигден на ист ден со римо-католиците. Велегдинска воскресна литургија се одржа и во Католичката црква „Пресвето срце Исусово" која ја предводеше бискупот скопски апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.