Zekeriya Karadavut
15 Октомври 2016•Ажурирај: 16 Октомври 2016
ЈОЗГАТ (АА) - Во градот Сарикаја, во централната турска покраина Јозгат, имамот на џамија ја одржува и ја чисти ерменската црква лоцирана во дворот на зградата во којашто живее.
Ерменците кои до 1960 година живееле во улицата „Терзили“, а потоа се иселиле во разни земји од светот, во одредени периоди од годината доаѓаат во старата улица и во историската црква ги извршуваат своите верски обреди.
Во дворот на куќата во којашто живее имамот се наоѓа црква за која се претпоставува дека е стара околу 2.000 години. Имамот Метин Халиџи се труди да им излезе во пресрет на посетителите на црквата.
Eрменците во улицата „Терзили“ доаѓаат од различни делови на светот, како што се Аргентина, САД, но и од различни делови на Турција. Благодарение на одржувањето на црквата од страна на имамот Халиџи, посетителите лесно можат да ги вршат своите верски обреди.
Халиџи речиси 13 години е имам во локалната џамија. Тој во слободното време, по завршувањето на обврските во џамијата, во одредени денови од неделата ја одржува и ја чисти црквата.
Имамот Халиџи рече дека при доселувањето во куќата, бил зачуден што во дворот се наоѓа црква. Откако дознал дека таа им служела за верски обреди на Ерменците што живееле во улицата, почнал да се грижи за црквата.
Халиџи рече дека и неговата сопруга и децата се грижат за црквата и му помагаат во нејзиното одржување.
„Од почит кон обредите на верниците од другите религии кои живееле на овие простори и толеранцијата што ја покажувало Отоманското Царство, и ние ја покажуваме нашата толеранција и црквата ја одржуваме чиста, подготвена за верски обреди на посетителите. Тука е местото за обредите на Ерменците. Воглавно тука доаѓаат православни грегоријанци. Јас ја покажувам истата толеранција која пред мене ја покажувал и мојот претходен колега, ја одржувам црквата чиста. И онака е потребно да се одржува чист дворот пред куќата во која се живее. Особно затоа што станува збор за верски обред на друга религија, покажуваме особено внимание и објектот го одржуваме чист. Мојата сопруга и децата во почетокот беа многу зачудени, но подоцна се навикнаа и посветувајќи ѝ на црквата особено внимание, ми помагаат при чистењето“, изјави имамот Халиџи.
- „Црквата ја одржуваме чиста, подготвена за верски обреди“ -
Имамот Халиџи истакна дека особено внимание посветува на чистотата на џамијата и додаде дека еднаш неделно ја чисти и црквата.
Халиџи вели дека посетителите на црквата кои вршат верски обреди во неа му се заблагодарувале нему и на неговото семејство за покажаната чувствителност и грижа во одржувањето на црквата.
„Метам во црквата и ги проветрувам теписите. Бидејќи подот е под нивото, често навлегува дожд и се чувствува влага. Мојата сопруга понекогаш ги пере теписите, ги суши и повторно ги простира. Црквата ја одржуваме чиста, подготвена за верски обреди. Луѓето што доаѓаат тука ни се заблагодаруваат за покажаната грижа. Задоволни се што верско лице од друга вероисповед се грижи за црквата и ја одржува уредна. По искажаната благодарност, си заминуваат оттука“, рече имамот Халиџи.
Халиџи нема точни информации за историјата на црквата, но рече дека според информациите добиени од туристичките водичи на Министерството за култура и туризам, кои носат посетители во црквата, дознал дека таа е изградена во 120 година од новиот век.
Имамот Метин Халиџи истакна дека на Ерменците, посетителите на црквата, им го покажува гостопримството на турскиот народ.
„По извршените верски обреди, Ерменците кои доаѓаат во црквата седнуваат со мене во дворот и разговараат. Ги послужуваме со чај, јадење и сѐ што им е потребно. Користејќи ја сета наша сила, настојуваме да ја одржиме радоста во нивните срца“, вели тој на крајот од разговорот.